За време на топлите есенски денови, смрдливките се собираат на фасадите од зградите и околу прозорците, а многу од нив успеваат да влезат и во становите. Тие не се размножуваат и не предизвикуваат штета додека се внатре, но може да бидат прилично досадни.
Станува збор за видот познат како кафеава мермерна смрдлива бубачка (Halyomorpha halys), која потекнува од Источна Азија. Според Penn State Extension – служба за едукација и информирање при Државниот универзитет во Пенсилванија – овој инсект случајно бил пренесен во Соединетите Држави, а првиот примерок бил откриен во Пенсилванија во 1998 година. Оттаму, тој се проширил и во Европа.
Во периодот помеѓу септември и октомври, возрасните единки бараат засолниште за да ја поминат зимата. Според Penn State Extension, за време на топлите есенски денови тие се привлечени од надворешните ѕидови на куќите и можат масовно да навлезат во објектите.
Тие не се размножуваат и не прават штета додека се во домот. Непријатниот мирис, по кој го добиле името, се ослободува од жлезди на нивното тело; тој станува особено интензивен ако ја згмечите бубачката или ја вшмукате во правосмукалка.
Кај чувствителните лица, овој мирис може да предизвика алергиски реакции, како што се течење на носот или иритација на очите. Ако бубачката се згмечи врз кожата, може да дојде до локализирано воспаление на кожата.
Од Penn State Extension советуваат дека најдобра заштита е физичко затворање на местата преку кои можат да влезат. Тука спаѓаат пукнатините околу прозорците и вратите, отворите на фасадата, просторот околу цевките, деловите зад оџаците и празнините под дрвените облоги. Се препорачува отворите да се затворат со висококвалитетен силикон или силиконско-латекс маса, а исто така треба да се поправат или заменат оштетените мрежи за прозорци и врати.
Ако веќе влегле, обидете се да откриете од каде излегуваат. Најчесто тоа се пукнатини зад или под подните лајсни, околу рамките на прозорците и вратите, или во близина на плафонските светилки и вентилатори. И овие отвори треба да се затворат.
Смрдливките – без разлика дали се живи или мртви – може да се отстранат со помош на правосмукалка. Имајте предвид дека правосмукалката може уште некое време да ја задржи нивната миризба.
Не се препорачува употреба на инсектициди во затворени простории откако смрдливите бубачки веќе влегле внатре. Угинатите бубачки можат да привлечат други инсекти, кои би можеле да ги оштетат волнените предмети или залихите со храна во оставата. Спрејовите за употреба во затворени простории не нудат долгорочно решение за проблемот.