
На шестиот донаторски кружок што го организираше Конект, за само еден час беа собрани 683.000 денари за поддршка на три граѓански организации. Настанот, кој се одржа во просториите на Македонски Телеком, обедини повеќе од 120 граѓани и компании кои заеднички донираа за значајни општествени иницијативи.
Настанот, чиј шоумен беше Огнен Јанески, беше вистински пример за солидарност и филантропија на дело. На настанот се додели грант за справување со последиците од несреќата во Кочани со пожарот во „Пулс“. 300.300 денари, донации од граѓани и бизниси во донаторскиот фонд на Конект се доделија на Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип за работа на младинските центри од Кочани и Штип.

На кружокот се донираше во живо и се собраа вкупно 683.000 денари од индивидуални и корпоративни донации за следните три одбрани организации за годинашниот донаторски кружок:
Здружение на лица со дијабет Охрид: Расте бројот на деца со дијабет. Кога слатките задоволства се строго забранети, а времето се мери во инсулински дози детството станува поинакво. Се донираше за 500 основци да научат да го чуваат своето и здравјето на другарчињата со дијабет. Така грижата ќе биде споделена, здравата храна „ин“, а во училниците ќе има и кутии за итни случаи со сѐ што е потребно за брза реакција на наставниците.
Здружение До бебе по пат на ин-витро: Имаме сѐ помалку новороденчиња. Животот е во расчекор со биолошкиот часовник, па науката често мора да помогне за да се создаде нов живот. Од редовни инјекции, низ административни лавиринти и многу обиди одново – патот на биофертилизација не е лесен. „До бебе по пат на ин-витро“ сега ќе им помага на 70 сограѓан(к)и да си ја остварат желбата да бидат мама или тато. Се донираше за бебенцата што сѐ уште се на пат.
ХОПС – Опции за здрав живот: 70% од младите експериментираат со дроги, а не знаат како да се заштитат во ризични ситуации. Благодарение на донациите за ХОПС, нивните стручни лица ќе станат први другар(к)и во ноќните клубови, парковите и фестивалите. Да одговорат на сите скришни прашања со проверени информации, да помогнат и отворат можност за поддршка. Се донираше за безбедна младешката љубопитност и поддршка на здрави животни избори.
Донациите беа дополнително зголемени благодарение на компаниите „Фондација Телеком за Македонија“, „Цементарница УСЈЕ АД Скопје“, „ЕВН“, „Фармахем“, „Везе Шари“ и „Уника Лајф АД“, кои ги удвоија вредностите на индивидуалните донации.
Извршната директорка на Конект, Никица Кусиникова, истакна дека во услови на намалени можности за финансирање на граѓанскиот сектор, ваквите иницијативи се клучни за опстанокот и развојот на организациите.
„Можностите за финансирање за граѓанските организации се сериозно намалени. Во време на сериозни предизвици за граѓанскиот сектор, секогаш кога имате можност помогнете на граѓанска организација, било финансиски, било со волонтирање или на друг можен начин. Ова го прави кружокот уште поважен и дава можност граѓаните солидарно и здружено да им овозможат на организациите да ги одржат своите програми.“
Конект ќе потпише договори за донација со избраните организации и ќе го следи нивниот напредок. Донациите остануваат отворени, а сите заинтересирани можат да се информираат на 02/3224 198 или на konekt@konekt.org.mk.
Донаторскиот кружок се реализира според заштитена методологија и со поддршка од The Funding Network, каде Конект е асоцијативна членка.