Минатата среда Џејк Анџели го привлече вниманието на јавноста по упадот со група демонстранти во Капитол Хол во Вашингтон. Тој беше снимен и фотографиран како во текот на упадот се појавува со лице обоено во боите на американското знаме и со крзнена капа со рогови на главата, наликувајќи на викинг.
Министерството за правда соопшти дека Анџели, чие вистинско име е Џејкоб Ентони Ченсли, е во притвор и е обвинет за насилно однесување, насилно влегување и илегално престојување во ограничени простории во внатрешноста на Капитол.
Поради пандемијата, Анџели првото рочиште го имаше преку телефон, а судијката Дебора Фајн му одреди притвор до 15 јануари.
На рочиштето, неговиот адвокат Џералд Вилијамс на судијката ѝ кажа дека Џејкоб не јадел од моментот на апсење, наведувајќи дека имал ограничена исхрана, но не е сигурен дали е тоа од религиозни причини.
Пред зградата на судот, мајката на Џејкоб, Марта Ченсли откри зошто не јадел додека е во притвор.
„Многу му се лоши ако не јаде органска храна. Тој мора да јаде“, изјави таа.
Минатата недела за ABC15, мајката изјави дека не се согласува со улогата на нејзиниот син во насилната буна во Капитол.
Дејвид Гонзалес, американски маршал од Аризона, за медиумите изјави дека ќе бидат почитувани судските наредби и на притвореникот ќе му биде обезбедена органска храна во склад со неговата исхрана.
Непосредно по нередите во средата, Ангели за NBC News изјави дека не сторил ништо лошо.
„Само влегов низ отворена врата“, изјави тој следниот ден.
Анџели е следбеник на бизарната теорија на заговор на движењето QAnon, според која следбениците веруваат дека група педофили кои го обожаваат Сатаната владеат во сенка со САД, а Доналд Трамп се бори против нив.