Живот
Бројните предности на доењето

Мајките кои дојат создаваат уникатна храна за бебето

21. декември 2018 - 12:41 | Б.С.Б.

Најбезбедната и најздрава храна за бебето е мајчиното млеко кое има сè што му треба на бебето за развојот во првите шест месеци од животот.

Доените бебиња имаат подобар ментален развој и емоционална сигурност, како и подобра развиеност на вилиците и забите, но и посилен имунолошки систем. Млекото ги содржи сите витамини и хранливи материи кои му се потребни на бебето во првите месеци од животот.

Во првите неколку дена се создава колострумот, првото млеко со жолтеникава боја кое се излачува во мали количини, но доволно за да ги задоволи потребите на бебето. Дигестивниот систем на бебето се развива и подготвува за варење на мајчиното млеко токму од колострумот.

Колку повеќе го ставате бебето на гради, толку повеќе се создава мајчино млеко. Се препорачува ексклузивно доење во првите 6 месеци од животот на бебето. Ако додавате и ад млеко, вашите гради ќе произведуваат помалку млеко.

Предностите на доењето се многубројни. Доењето им помага на мајките да закрепнат од породувањето, побрзо да се вратат на нормалната тежина, имаат посилни коски и градат посилна емоционална врска со бебето.

Мајчиното млеко е секогаш спремно и секогаш е со идеална температура, што е одлично кога сте уморни. Доењето е вештина која бара трпение и вежбање, а за некои мајки е тежок процес. Но, со текот на времето станува полесно, а мајките кои дојат се сметаат за посебни, бидејќи можат да произведат храна која е уникатна за нивното бебе.

Овде може да дознаете како изгледа мајчиното млеко под микроскоп.

Коментирај