Останати спортови

Мајкл Џордан или Том Брејди: Кој е најголемиот спортист на сите времиња?

11. февруари 2019 - 20:51 | К.З.

Многу долго Мајкл Џордан важеше за најдобриот спортист на сите времиња и никој не веруваше дека ќе се појави некој кој ќе му се приближи, камоли да го надмине. И додека љубителите на кошарката го бараа наследникот во истиот спорт, тој се појави на различно место.

Том Брејди пристигна на мала врата во НФЛ уште на почетокот на 21 век, а денес важи за најдобриот играч кој некогаш се појавил во американскиот фудбал. Или како што американците сакаат да го наречат – G.O.A.T. (Greatest of All Time).

Со освојувањето на шестиот прстен во последниот Супербоул, Брејди го запечати статусот на најдобар играч во американскиот фудбал на сите времиња, и се израмни со Мајкл Џордан по бројот на титули во двата најголеми американски спортови.

Колку и да е тешко да се споредуваат двајца спортисти кои играат различни спортови, секогаш се бара одговор на прашањето „Кој е најдобриот?“, па затоа се прават секакви аргументи за да се истакне едниот во однос на другиот. Какви и да се аргументите, изборот се сведува на двајца спортисти – Мајкл Џордан и Том Брејди.

„Не сакам кога ми велат дека сум G.O.A.T., се ежам од тоа. Повеќе сакам кога ми велат дека не сум повеќе добар, дека сум премногу стар, дека сум бавен и дека не можам да играм на врвно ниво. Тогаш им се заблагодарувам и им покажувам дека грешат“, рече Брејди.

Титули

Двајцата, Мајкл и Том, имаат по шест титули од лигите во кои се натпреваруваат, со тоа што Брејди и понатаму нема намера да се пензионира. Сепак, Том Брејди е најтрофејниот играч во историјата на НФЛ, додека Џордан е само на десеттото место и има 5 титули помалку од рекордерот Бил Расел. Меѓутоа, Брејди има и помал процент на освоени титули во однос на одиграни сезони (6/19) ако се споредува со Џордан (6/15).

МВП

Што се однесува до индивидуалните признанија, Мајкл Џордан петпати беше МВП на лигата (1988, 1991, 1992, 1996, 1998), a беше и МВП на секое финале кое го одигра во кариерата. Од другата страна, Брејди има три МВП награди од регуларната сезона (2007, 2010, 2017) и „само“ четирипати беше најдобар играч во финалињата. Том Брејди игра на највисоко ниво во финалињата, но тогаш кога е најважно – Мајкл Џордан е убиец и непогрешлив во секое финале.

Сезона за паметење

Кога ретроспективно ќе се согледа целата кариера, најдобрата сезона на Мајкл Џордан беше 1987/1988, кога тој ја освои првата МВП награда. Тогаш младиот Џордан имаше учинок од 35 поени, 6 асистенции и 5,5 скокови по натпревар, но беше и најдобар дефанзивец во лигата, а победи и на натпреварот за забивања на тогашниот Ол Стар.

Индивидуалниот врв Брејди го достигна во 2007 година, кога играше покрај сјајните рисивери Ренди Мос и Вес Велкер. Таа сезона Брејди „фрли“ 4.806 јарди и 50 тачдауни, а имаше и импресивен пас-рејтинг од 117,2. Неговиот тим победување доминантно, со просечен резултат од 37:17.

Поени

Том Брејди е трет по бројот на додавања за тачдаун во историјата на НФЛ со 517, а пред него се само Дру Брис со 520 и Пејтон Менинг со 539. Наредната сезона Брис и Брејди повторно ќе настапуваат во НФЛ и скоро сигурно ќе го надминат Менинг, но прашањето е кој ќе заврши како прв.

Од другата страна, Мајкл Џордан со 32.292 поени се наоѓа на четвртото место на најдобри стрелци во историјата на НБА, но Леброн Џејмс би можел да го надмине овој учинок до крајот на овој месец, бидејќи „Кралот од Акрон“ веќе има постигнато 32.054 поени.

Долговечност

Ова е категорија која го одвојува Том Брејди од било кој друг спортист во светот. Мајкл Џордан освојуваше титули до доцните 30-ти, но Брејди со 41 година беше клучен за нов Супербоул и нова победа на Патриотс. И покрај годините, тој е одлучувачкиот фактор во тимот од Њу Ингланд и не покажува намера да запре.

Коментирај