Новиот селектор на женската фудбалска репрезентација на САД ноќеска го имаше своето деби и во пријателски натпревар со 3:2 ја совлада Шведска.
Влатко Андоновски неодамна беше именуван за нов предводник на најдобрата женска фудбалска репрезентација во светот. Својот прв натпревар го имаше ноќеска кога на „Мафреј“ стадионот во Колумбус, Охајо, неговите избранички ја нагостија Шведска.
Уште по само 6 минути игра Карли Лојд ги доведе Американките во водство, а до крајот на полувремето погоди и Кристен Прес и Лојд уште еднаш.
По неколку замени на двете страни, во вториот дел Ана Анвегорд постигна два брзи голови и намали на 3:2. Потоа Лојд промаши пенал за хет-трик.
По натпреварот, Андоновски изјави дека е задоволен играта во првиот дел, но не и од фактот што при водство од 3:0 противникот успеал да се доближи на само гол негатива.
Наредниот натпревар на Андоновски и САД е ноќта помеѓу недела и понеделник кога во Џексонвил (Флорида) ќе ја пречекаат Костарика. Женската репрезентација на САД се подготвува за олимписките квалификации кои почнуваат на крајот на јануари.