Кошаркарската репрезентација на Македонија доживеа пораз од Литванија 67:82 во третото коло од квалификациите за пласман на ЕвроБаскетот 2025. Ова е втор пораз на македонските кошаркари во овие квалификации, со што значително се намалени шансите за пласман на континенталниот шампионат.

Првата четвртина, во која Македонија одигра катастрофално, го одреди текот на целиот натпревар. Македонија постигна два поена во првите 5 минути, четири за 7 и пол минути игра. Во првиот период избраниците на Александар Јончевски уфрлија 9 поени, имаа 7 загубени топки и само 2 асистенции.
Литванците ги искористија сите слабости на македонскиот тим, доминираа во офанзивниот скок и по првите 10 минути имаа предност 9:23. Лошата игра на Македонија продолжи и во вториот период кога Литванците дојдоа до најголемата предност (+25). На полувреме Литванија замина со предност од 17 поени.
Ништо не се смени и во првите пет минути од третата четвртина, Литванија рутински ја одржуваше предноста. Имаше Македонија еден добар период кога успеа да ја спушти предноста на 11 поени, но по тај-аутот на Куртинаитис, Литванија возврати со серија 0:11 или 4:14 до крајот на четвртината.
По исто сценарио се одвиваше последната четвртина, Литванците се одлепија на 20+, а во финишот Македонија намали на 11 разлика.
На крајот Литванија имаше 15 скокови повеќе (26-41), од нив 16 офанзивни, Македонија загуби 18, Литванците 15 топки, Литванија имаше 20 асистенции, наспрема 12 на Македонија која имаше повеќе украдени топки 13-10.
Најефикасен кај Македонија беше Кристијан Николов со 18 поени, кој заедно со Литванецот Мартинас Ецходас беа најефикасни. Војдан Стојановски постигна 13, а двоцифрен беше уште само Бојан Крстевски со 10 поени.
Во другиот натпрервар Полска загуби дома од Естонија со 78:82.
Македонија за три дена ќе ѝ гостува на Литванија, а во последните две рунди, во февруари, ќе гостува во Естонија и ќе ја пречека Полска.
Табела: