Култура

Македонската дизајнерка Геновева Кристов се пробива во САД

2. април 2012 - 20:23 | Макфакс

Младата дизајнерка Геновева Кристов на интернет се информирала за конкурсот на марката Андријана Папел - „Во живо од црвениот тепих во Лос Анџелес", на кој пратила дизајн за вечерен фустан за церемонијата на доделувањето на Оскарите.
 
На овој конкурс Геновева Кристов, од 676 дизајнери го освои второто место, што ѝ ги отвори вратите на стоковните куќи ширум САД, како што се синџирите „Блумингдејл",„Хекс" и слични на нив.

„Мислам дека живеам за модата. Освен што сакам да креирам, сакам и да носам убава облека. Отсекогаш сакав и следев мода и ме привлекуваат невообичаени, несекојдневни работи", вели македонската дизајнерка за Гласот на Америка на македонски.

Геновева потекнува од Ресен. Дипломирала на Факултетот за уметност и дизајн во Колумбус, сојузната американска држава Охајo, а сега работи како независен моден дизајнер.

„Не сакам да бидам ограничена само со еден извор на инспирација. Вообичаено ме инспирира улична мода, старите филмови, но и самиот материјал", вели Кристов за нејзината инспирација.

Генова претпочита материјали со изразит состав: „Многу често во мојата колекција користам кожа, комбинирам со свила, користам шифон, шармуз".

Нема омилена боја. Вели „сите се убави на свој начин", но додава дека дизајнерот мора да ги следи модните трендови.

Албер Елбас и Александар Меквин-се нејзините омилени креатори. Во креациите не користела традиционални македонски мотиви, иако тоа не го исклучува за во иднина.

„Следната сезона ќе се претставам на Модната ревија во Колумбус, а би сакала свои креации да изложам и на модни ревии во Њујорк, Мајами, Париз", најавува Геновева.

Геновева Кристов во февруари со свои креации учествуваше на модната ревија NewYork Fashion Week спонзорирана од Diet Pepsi.

Коментирај