Малага стои помеѓу Реал и шампионскиот трофеј во Примера, пехар кој „Кралскиот клуб“ последен пат го освоил пред пет години. Меѓутоа, прашањето кое се наметнува е дали Малага воопшто има мотивација да му наштети на Реал.
Малага во недела ќе го пречека Реал, а доколку тимот на Зинедин Зидан ја освои титулата, Малага ќе заработи еден милион евра.
„Виновник“ е Иско, поранешниот играч на овој клуб кој во 2013 година за сума од 27 милиони евра се пресели во Мадрид.
Според договорот, Реал на Малага ѝ исплаќа по еден милион евра за секој трофеј кој Иско го освојува со Реал.
Во пресрет на последното коло Реал има три бода предност во однос на Барселона и само со пораз од Малага може да ја загуби титулата.