Љубов и секс

Мали тајни на големите љубовни приказни

9. јуни 2019 - 15:09 | А.С.

Одржувањето на врската бара многу работа. Постојано треба да вложувате за да ја одржувате и да ја подобрувате.

Луѓето во здрава врска се потпираат на основите, што многу често во денешно време ги доживуваме како клишеа и ситници.

Ова се малите тајни на големите љубовни приказни што ги издвојуваат терапевтите за двојки.

Активна комуникација

Што значи тоа? Луѓето во среќни и здрави врски не разговараат само колку да не молчат, туку вистински го сослушуваат партнерот, без разлика колку е банално тоа што го кажува. Од ситници како раскажување на работниот ден или метежот во сообраќај, до најдлабоките стравови и желби, партнерите во големите љубовни приказни секогаш имаат отворена комуникација.

Тоа подразбира и одржување на комуникацијата кога не сте заедно. Порака за убав работен ден, потсетување да го земе лекот, смешна фотка додека пазарите во супермаркет, долг мејл како љубовно писмо кога сте разделени со денови... одржувајте ја комуникацијата активна и отворена.

Комплименти

Оддавањето почит и признание на партнерот е една од основите на која се гради здравата врска. Од охрабрување дека верувате во нивните способности, до комплименти за изгледот или пофалба за добро завршената работа, ценењето на партнерот може да го покажите на многу начини. Немојте да мислите дека се подразбира дека го мислите тоа за личноста која ја сакате, понекогаш е убаво да се слушне тоа, приватно и пред други.

Те сакам

Кога едниот партнер мора постојано да ги „влече со клешта“ емоциите од другиот, тоа не е здрава и отворена врска. Големите љубовни приказни подразбираат отворено искажување на емоциите и искрено кажување „те сакам“ без драматизација или баналност.

Среќните двојки без размислување и со ентузијазам си кажуваат дека се сакаат, без да направат клише од тоа. Исто како и давањето комплименти, кажувањето „те сакам“ е непоходно и не е нешто што треба „да се подразбира“.

Коментирај