Авто новости

Малите автомобили се во опасност од „изумирање“

11. февруари 2019 - 16:27 | К.З.

Трендот на опаѓање на побарувачката на автомобили од супермини сегментот посебно е забележителен во Европа, каде луѓето сѐ помалку се интересираат за најмалите модели на пазарот. Компаниите секоја изминатата година забележуваат помала заработка од сегментот на мали автомобили, па поради тоа размислуваат да го прекинат нивното производство.

Произведувачите се соочуваат со огромни предизвици на патот до остварување заработка од продажбата на мали автомобили, најмногу поради строгите правила за емисија на штетни гасови и барањата за посебна технологија во внатрешноста на возилото.

Како што пренесуваат европските медиуми, Volkswagen Group и PSA Group изразија несигурност околу иднината на автомобилите од овој сегмент. Директорот на VW Group, Херберт Дис, се пожали на острите ограничувања за загадување со гасови кои доаѓаат во 2020 година, и истакна дека малите автомобили не можат да бидат модифицирани да загадуваат помалку без да се направат поголеми трошоци отколку заработки. За да ги исполни нормите за емисија на штетни гасови, Volkswagen би морал да ја зголеми цената на нивниот модел Up! за дополнителни 3.500 евра.

„Не сум сигурен дали купувачите би можеле и би сакале да ги купуваат малите автомобили. Не знам колку од нив би можеле да си ги дозволат основните модели“, рече Дис.

Од PSA Group најавуваат дека би можеле да го запрат производството на нивните мали автомобили Peugeot 108 и Citroen C1 заедно со Toyota, која од 2021 година веќе нема да го произведува малиот Aygo.

„Способноста на произведувачот да оствари профит во овој сегмент е под притисок поради бројните технологии кои мораме да ги додаваме секоја година за автомобилите да ги поминат контролните тестови“, се пожали оперативниот секретар на PSA Group, Максим Писа.

Постои шанса дека електрификацијата може да ја препороди оваа класа на автомобили, но од Volkswagen Group се скептични околу претпоставката дека тоа е решение на овој проблем.

Коментирај