Лошата форма на Манчестер Јунајтед е забележителна на теренот, но и надвор од него. Навидум наивниот коментар на Пол Погба дека тимот треба да напаѓа кога игра на домашен терен му донесе забрана од клубот за контакт со медиумите.

Пол Погба откри дека раководството на Манчестер Јунајтед му забранило да им се обраќа на новинарите и да одговара на прашања поврзани со клубот.
По натпреварот со Вулверхемптон минатиот месец, кој заврши нерешено, Погба изјави дека тимот на домашен терен мора да „напаѓа, напаѓа и само напаѓа“, што беше сфатено како критика за неговиот тренер Мурињо и неговите тактички методи. Веднаш потоа му беше одземена капитенската лента која Погба ја носеше во отсуство на Антонио Валенсија.
„Ми беше кажано дека не смеам да зборувам со вас“, рече Погба откако беше запрашан за мислење за натпреварот против Валенсија во рамките на Лигата на шампионите.
Односот помеѓу Мурињо и Погба е променлив уште од првиот ден кога двајцата се сретнаа во клубот. На моменти се чувствува дека Мурињо сака да има доверба во Погба и му остава целосна слобода на теренот, но понекогаш двајцата изгледаат како да се најголеми непријатели.
Пол Погба и понатаму останува најскапиот трансфер на Манчестер Јунајтед на сите времиња и комерцијална „златна кокошка“, па затоа раководството одбива да го продаде и да го замени со друг играч.
„Мислам дека Пол (Погба) доволно ви објасни кога го прашавте минатиот пат. Тој ја зборува вистината. Имаме здрав и нормален однос помеѓу тренер и играч“, изјави Мурињо.