Фудбал

Манчестер Сити потроши најмногу, Евертон меѓу 10-те најскапи екипи во Европа

13. февруари 2018 - 10:19 | К.З.

Швајцарскиот институт кој работи со фудбалска статистика и истражувања фокусирани на овој спорт (CIES) ја објави листата на клубови кои потрошиле најмногу пари за да ја состават екипата за оваа сезона.

Истражувањето кое го спроведе CIES се однесуваше само на клубовите од топ 5 лигите од Европа: шпанската, англиската, италијанската, германската и француската. Во пресметката влегоа овосезонски и минати трансфери на играчи кои моментално играат за клубовите.

Воопшто не е изненадувачко откритието дека клубот кој потроши најмногу пари за да го креира сегашниот состав е Манчестер Сити, кој во нови играчи вложи 878 милиони евра. Единствениот друг клуб кој потроши повеќе од 800 милиони евра е ПСЖ, со 805 милиони.

Англиските клубови потрошија далеку повеќе од клубовите од другите лиги, а тоа го покажува и топ 10 листата, каде се наоѓаат дури 6 од англиските прволигаши. Манчестер Јунајтед се најде на третото место, со потрошени 747 милиони евра, додека Челзи со потрошените 592 милиони евра се најде на петтото место. Нив ги раздвојува тимот на Барселона, за чие комплетирање беа потребни 725 милиони евра.

Остатокот од листата го формираат Реал Мадрид (497 м.), Ливерпул (461 м.), Јувентус (448 м.), Арсенал (403 м.) и секако, најголемото изненадување на оваа листа, Евертон (365 м.).

Целосната листа можете да ја погледнете тука.

Коментирај