Македонија

Манчевски: Партиите да се откажат од парите од годишното финансирање во оваа криза

27. март 2020 - 8:21 | МИА

Пожелно е политичките партии во екот на оваа криза да се откажат од парите од годишното финансирање, истакна потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски за емисијата Кликплус на ТВ21, одговарајќи на прашањето во врска со предлогот на министерката за правда Рената Дескоска.

Тоа е човечки предлог, во услови кога се прашуваме дали ќе имаме средства да исплатиме плати, да имаме средства за здравствената заштита и за други неопходни работи, нагласи Манчевски.

Тоа е разумно, нешто што можеме да го понудиме како политички партии и средствата наменето за годишно финансирање на партиите да се пренасочат, порача Манчевски.
 
Тој зборуваше за економските мерки што ги предлага СДСМ, а кои имаат за цел полесно и поефикасно закрепнување на економијата која е погодена од здравствената криза со коронавирусот.
 
-Предлогот на СДСМ опфаќа и намалување на платите на функционерите и членовите на управните одбори. Оние членови во одбори, ако се вработени нема да земаат приход од членството во одборот, а трета по ред е администрацијата. Има и друга варијанта- кратењето на платите се надеваме би била времена мерка, ако излеземе од кризава брзо, можеме да направиме поврат на овие пари што ќе се скратат во следните месеци. Прво велиме кратење на платите на функционерите, а потоа велиме солидарност. За да се платат даноците, граѓаните да можат да платат даноци мора да ни функционира приватниот сектор. Ако нема приватен сектор ќе нема пари, од каде ќе се плаќа?  Што ако оваа криза трае долго, што предлагаат другите партии? Критикуваат, а не нудат решенија. Среќни ќе сме ако оваа криза трае два до три месеци и ако брзо се вратиме во форма. Но ако ова трае долго, што тогаш, што ќе предложат тогаш другите?, рече Манчевски.
 
Тој посочи дека функционерите не преставуваат проблем, тие лесно може да се откажат од целите плати и воопшто да не земаат ниту денар во следните месеци, но е свесен дека има дел во администрацијата што потешко ќе се согласат со оваа мерка. Сепак, нагласи тој, мерката е солидарна.
 
-Не е проблем за нас, еве ќе се откажеме ние од платите. Но, вработените кои се професионалци во администрацијата и се на повисоки позиции, што значи дека имаат поголемо искуство, квалификација и повисоко образование од другите, сега и тие мора да земаат иста плата со колегите со пониски звања. Но сето ќе биде полесно ако ова заврши во неколку месеци. Да укажам само дека САД прават три сценарија, првото е со криза од шест месеци, второто со 12 и третото е со криза од 18 месеци, што значи не знаеме ништо однапред, објасни Манчевски.
 
Изборите, потенцираше, се одложени и затоа нема потреба ниту една партија да прави профитерство во време на здравствената криза.

Коментирај