Фудбал

Марадона: Не е виновен Меси, јас промашив пет пенали па уште сум Марадона

18. јуни 2018 - 14:37 | М.Д.

Легендарниот Диего Марадона го следеше во живо првиот натпревар на својата Аргентина против екипата на Исланд, кој заврши со резултат од 1:1, а на славниот Аргентинец не му требаше многу време за и самиот да даде свои коментари по натпреварот.

Марадона, во својот говор застана во одбрана на играчите и пред сѐ во одбрана на Лионел Меси, додека жестоко го нападна селекторот Хорхе Сампаоли.

„Ми се чини дека владее бес во срцето на тимот. Ова е срамота! Не се подготвивме за натпреварот, а сите знаат дека Исланѓаните се високи 190 сантиметри. Ако продолжиме да играме во овој стил, Сампаоли не треба да се враќа во Аргентина“, жесток беше Марадона.

Лионел Меси беше еден од трагичарите на овој натпревар, бидејќи не успеа да погоди од белата точка по досудениот пенал.

„Не ги обвинувам играчите. Можам да го обвинам слабото темпо на работа, но не можам да ги обвинам играчите. Уште помалку можам да го обвинам Меси, кој даваше сѐ од себе на овој натпревар“, додаде Марадона.

„И јас промашив пет пенали, па останав Диего Армандо Марадона. Не мислам дека поради промашениот пенал на Меси останавме без два поени“, заврши Марадона.

Коментирај