Фудбал

Марадона со остри критики за Меси: Нема поента да правиме лидер од него, тој е само обичен фудбалер

13. октомври 2018 - 14:21 | К.З.

Легендарниот Диего Армандо Марадона досега беше на страната на Лионел Меси и секогаш го поддржуваше неговиот сонародник, но сега се сврте на другата страна и упати директни критики према најдобриот аргентински фудбалер.

Репрезентативната пауза е секогаш добар повод за да се разговара за Лионел Меси и неговата позиција во аргентинската репрезентација. Иако неколкупати во последните години беа на чекор до огромен успех, Аргентинците не се израдуваа на ниту еден трофеј, а многумина за тоа го обвинуваат нивниот најдобар играч, Лионел Меси, кој не се покажа во најдобро светло на ниту еден од големите турнири.

„Бесмислено е да се обидуваме да направиме лидер од некого кој оди во тоалет 20 пати пред секој натпревар. Не би требало од него да правиме божество, бидејќи тој е само човек. Во националниот тим тој е само уште еден играч“, изјави Диего Марадона за време на гостувањето во Fox Sports.

Меси досега одигра 128 натпревари за репрезентацијата и постигна 65 гола, но ретко кога ги оправда очекувањата кога се работеше за големи натпревари и репрезентативни турнири.

„Сега не би го повикал, но за понатаму не можам да кажам дека не би сметал на него. Мора да направиме тој да не чувствува притисок, бидејќи не мора да биде водач за да биде оној Меси кој го посакуваме“, додаде Марадона.

Најголемиот успех на Лионел Меси со аргентинската репрезентација е финалето кое го одигра на СП 2014 година, кога беше поразен од Германија со 1:0. Притоа, изгуби уште две последователни финалиња на Копа Америка и летово беше елиминиран од Мундијалот уште во осминафиналето.

Коментирај