Фудбал

Марадона стана претседател, спортски директор и тренер на Динамо Брест

16. мај 2018 - 10:34 | К.З.

Легендарниот Диего Армандо Марадона потпиша тригодишен договор со Динамо од Брест, каде тој ќе ги врши функциите на претседател, спортски директор, тренер и косопственик на клубот од Белорусија.

Марадона доби 20% од акциите во клубот, па тој покрај сите останати функции ќе биде и делумен сопственик на Динамо Брест.

Оваа информација беше објавена на официјалниот Twitter профил на Динамо Брест, а покрај претставувањето на Марадона како нов тренер, тие објавија и оглас во кој бараат возач кој знае да зборува шпански, за потребите на Аргентинецот.

Диего Армандо Марадона пристигна во Белорусија по авантурата во Обединетите Арапски Емирати, каде беше тренер на тимот на Ал-Фуџаираха, а во досегашната тренерска кариера тој седеше на клупата на Мандију, Расинг, репрезентацијата на Аргентина и Ал Васл.

Динамо Брест е клуб кој двапати во неговата историја го освои Купот на Белорусија, а раководството смета дека назначувањето на Марадона на четири функции одеднаш ќе има голем маркетиншки успех за клубот.

Навивачите на овој клуб се надеваат дека аргентинската легенда ќе успее да го препороди Динамо Брест и дека во наредниот период конечно ќе почнат да освојуваат значајни трофеи.

Коментирај