„Не е лесно да го одбиете Реал Мадрид првиот пат, вториот пат е тешко, а третиот пат е невозможно“, рече Жозе Мурињо кога доаѓаше на клупата на „кралскиот клуб“ пред девет години.
Тогаш Португалецот, како освојувач на Лигата на шампиони, го напушти Интер и стигна во Мадрид како спасител на Флорентино Перез. Тогаш Реал имаше низа од шест години во кои не можеше да го помине осминафиналето во ЛШ и имаше „само“ две титули во Ла Лига.
Под водство на Мурињо Реал играше три полуфиналиња на ЛШ и испадна со ред од Барселона, Баерн и од Борусија. Во 2011 година, Реал со шест победи во групната фаза од ЛШ стана само петта екипа во историјата на ЛШ што успеала да го направи тоа, а тоа исто така беше 15-та победа во низа со која екипата изедначи рекорд стар 50 години.
Marca денеска го објави коментарот на новинарот Хоел дел Рио кој повикува на враќање на Мурињо и тврди дека актуелната состојба во Реал Мадрид е токму онаква каква што му одговара на Португалецот.
Реал вчера изгуби од ПСЖ со 3:0 без да упати ниту еден сериозен удар во рамки на голот, распалувајќи го бесот на навивачите кои бараат промени.
Дел Рио смета дека на Зинедин Зидан му поминало времето дека само еден човек може да ги смени нештата, а тоа е токму Жозе Мурињо.
„Мурињо е човек кој може да го извлече од играчите она што многумина не ни знаат дека се крие во нив. Тој е човек кој од невозможното може да извлече трофеј. Реал има само една опција, ако сака трофеи мора да го врати Мурињо. На Зидан му истече времето“, напиша Дел Рио.