Фудбал

Marca со остри критики за Реал, го поштеди само Модриќ

6. март 2019 - 12:07 | А.С.

Реал Мадрид доживеа еден од најтешките порази во историјата. Откако во Амстердам славеше со 2:1 против Ајакс, синоќа пред своите навивачи изгуби со 1:4 и испадна од Лигата на шампиони.

„Листата на виновници е бесконечна“, напиша Marca по шокантната вечер на „Сантијаго Бернабеу“, но еден играч го издвои од остатокот од екипата.

„Лука Модриќ даде сѐ од себе. Сакаше својот ентузијазам да го пренесе на соиграчите, но тоа беше невозможно. Во екипата не можеше да најде ниту еден играч кој со него би играл со ист интензитет.“

И читателите на Marca го прогласија Модриќ за убедливо најдобар играч на натпреварот. Останатите играчи добија остри критики од новинарите на мадридскиот весник.

За стрелецот на единствениот погодок на Реал, Асенсио, напишаа дека „исчезнал“ откако влегол во игра и бил без никаква идеја, за Начо дека не можел полошо да го замени Рамос и дека Тадиќ „го уништил“, за Рафаел Варан дека бил „изгубен“ без Рамос, за Дани Карвахал и Серхио Регилон дека не можеле да ги држат крилата.

Карим Бензема дека се посрамотил кога се лизна на додавањето на Модриќ пред голот, за Гарет Бејл дека не е играч каков што му треба на Реал во критични моменти, а за Тони Крос дека имал уште една „кошмарна ноќ“.

Најлоши оцени од тимот на Реал доби голманот Тибо Куртоа кој целосно потфрли при последниот примен гол.

Коментирај