Популарниот Шкот се врати во тенисот после една година, но како што стојат работите повторно би можел да оди на кратка пауза.
Енди Мареј на турнирот во Квинс во вторникот го одигра својот прв натпревар после речиси една година пауза.
Мареј во своето враќање на терените му пружи одличен отпор на Ник Кирјос, но не успеа да забележа победа, па доживеа пораз со резултат по сетови од 6:2, 6:7, 5:7.
И покрај тоа што многумина ја пофалија неговата игра после отсуството кое траеше точно 342 дена, Шкотот изјави дека размислува за тоа повторно да направи мала пауза.
Поточно, да го прескокне најпрестижниот Гренд Слем Вимблдон.
„Не ја исклучувам можноста следната недела да настапам на турнирот во Истборн, а потоа да не настапам на Вимблдон“, изјави Мареј изненадувајќи ја јавноста со овие зборови, а потоа објасни зошто всушност размислува за таква опција.
„Не сум сигурен дека сум подготвен за натпревари во пет сета“, изјави поранешниот прв рекет на светот.
Мареј и против Кирјос имаше тежок и исцрпувачки испит, психички и физички, а на теренот помина два часа и 20 минути.
„Среќен сум што сум повторно на терен, што играм тенис и се натпреварувам. Тренирав во претходните неколку недели, но не се подготвував за големи напори, така што навистина е добро што издржав вака долг меч. Сепак, ако се играше во пет сета, тогаш мечот сигурно ќе траеше уште час и половина, па веројатно ќе ми беше многу тешко“, изјави Шкотот, кој моментално се наоѓа дури на 156 место на АТП листата.
Тој изјави и дека се уште нема јасен план за тоа што ќе прави и каде ќе се упати после турнирот во Квинс.
„Морам да разговарам со членовите на својот тим и во наредните неколку денови да донесам одлука за својот распоред. Можеби пак ќе го пропуштам турнирот следната недела и ќе се подготвувам за Вимблдон. Ќе морам да почекам за да видам како ќе се чувствувам“, дополнително ги збуни новинарите Мареј.