Тенис

Мареј ќе може да игра сингл мечеви најрано по девет месеци

12. јули 2019 - 9:56 | МИА

Поранешниот број 1 во светскиот тенис, Енди Мареј (Велика Британија) очекува дека ќе биде подготвен да игра сингл мечеви најрано за девет месеци од сега.

32-годишниот Шкотланѓанец имаше операција на колкот во јануари, но потребно е долго време да се обноват мускулните влакна и да му се врати силата во ногата.

Мареј минатиот месец се врати на теренот и заедно со Шпанецот Фелисијано Лопез го освои турнирот во „Квинс“ во Лондон.

Тој се вклучи во шемата во двојки и на „Вимблдон“, но отпадна во вториот круг во тандем со Пјер-Југ Ербер (Франција) кај машките парови и во третиот круг на мешани двојки со Серена Вилијамс (САД).

– За време на операцијата се случија сериозни деформации на мускулните влакна и ќе треба многу време и напорна физичка работа, за да се обновам целосно. Силата во нозете нема да ми се врати за 3-4 месеци, поскоро ќе трае меѓу 9 и 12 месеци. Сигурно, моите мускули треба повторно да стигнат до одредено ниво за да можам повторно да играм во сингл. Во спротивно, ако неопходната силата ја нема, може повторно да дојде до повреда, изјави Мареј за BBC.

Трикратниот Гренд слем шампион ќе помине низ специјална кондициска програма во следните 4-6 недели.

– Среќен сум што не чувствувам болки и сакам да ја вратам нормалната состојба на колкот. Кога силата во него ќе се врати, ќе можам повторно да се натпреварувам, додаде тој.

Коментирај