Тенис

Мареј во солзи најави дека ќе стави крај на кариерата

11. јануари 2019 - 12:34 | А.С.

Британскиот тенисер Енди Мареј одржа многу емотивна прес-конференција во Мелбурн каде најави дека Вимблдон можеби ќе му биде последниот турнир во кариерата.

Мареј во неколку наврати имаше солзи в очите додека зборуваше за проблемите со колкот што го мачат изминативе две години.

„Не се чувствувам добро. Се мачам долго време и многу пропатив во изминативе 20 месеци. Направив речиси сѐ за да се чувствувам подобро, но ништо не помогна. Подобро сум во споредба со пред 12 месеци, но уште чувствувам големи болки“, рече Мареј.

Некогашниот најдобар тенисер на светот во 2018 година одигра неколку турнири, но јасно е дека не е ни блиску до старата форма.

„Морам да ставам крај на играњето, бидејќи играм, а немам поим кога ќе престане болката. Мислам дека ќе можам да играм до Вимблдон, односно и тој турнир, а потоа би сакал да ја завршам кариерата. Не сум сигурен во таа одлука“, рече 31-годишниот Мареј.

Дел Потро: Енди, те молам продолжи да се бориш!

Аргентинскиот тенисер Хуан Мартин Дел Потро ја коментираше одлуката на Енди Мареј да ја заврши својата кариера.

„Енди, само што ја гледав твојата прес-конференција. Те молам продолжи да се бориш! Можам да ја замислам твојата болка и тага. Се надевам дека ќе можеш да ги надминеш. Ти заслужуваш крај на кариерата по сопствена волја, кога и да се случи тоа. Те сакаме, Енди, и сакаме да те видиме среќен“, напиша Дел Потро на својот Twitter профил.

Тениска легенда

Мареј моментално е на 230. играч во светот. Има освоено три Грен слема и се вбројува меѓу тенисерите кои ја одбележаа најдобрата епоха во историјата на светскиот тенис.

Мареј е победник на 47 АТП турнири (од кои 45 се синглови). Играше 11 пати во финалето на Грен слем турнирите (барем еднаш на секој од турнирите) и освои три трофеи: УС Опен 2012 и Вимблдон во 2013 и 2016 година. Тој е единствениот двоен олимписки шампион во машки синглови во историјата. Во 2016 година стана првиот рекет на светот.

За потсетување, во првото коло на претстојниот Грен слем Австралија опен, Мареј ќе игра со Роберто Баутиста-Агут.

Коментирај