Чек дис аут

Марихуана Пепси – жената која не дозволи името да ја дефинира и стана доктор на науки

22. јуни 2019 - 16:51 | А.С.

Марихуана Пепси Вандајк голем дел од нејзиниот живот го поминала во трпење шеги, но и навреди и малтретирање на сметка на нејзиното име.

Таа одби да го смени името и им одговори на оние кои цел живот ја матретирале и омаловажувале и ѝ кажувале дека ништо нема да постигне во животот со такво име – неодамна стана доктор на науки.

Марихуана Пепси одлучи гордо да го носи името што ѝ е дадено и да не дозволи да ја дефинира како личност, ниту да ја спречува да напредува во животот.

Марихуана, која денес има 46 години, го искористила нејзиното лично искуство и направи истражување за потеклото на имињата на Афроамериканците и како истите се одразуваат врз образованието на децата во САД.

Таа се присетува на првиот разговор со мајка ѝ кога била дете и ја прашала зошто ѝ дале име Марихуана Пепси: „Мајка ми ми рече дека името ќе ме однесе насекаде низ светот“.

„Тогаш си мислев дека тоа не е можно, но мајка ми е паметна жена, генијалец, и ѝ верував“, вели таа.

Марихуана Пепси имала девет години кога сфатила дека има неконвенционално име. Во основното училиште во Висконсин каде што учела, добивала коментари од децата, но и од наставниците.

„Кажи им на сите како се викаш“, ѝ велеле тие со потсмев.

„Марихуана е веќе необично и кога на тоа ќе го додадеш Пепси, коментарите не престануваат“, изјави таа за BBC.

„Ме замолуваат да ме викаат Мери и тоа беше ок додека не победив во натпревар во спелување и кога се вратив дома со дипломата мајка ми збесна кога виде дека е на име на ‘Мери Џексон’.  Ми рече да не дозволувам никогаш веќе да ме викаат Мери и отиде во училиште и побара да го сменат името на дипломата во ‘Марихуана Пепси Вандајк’. Немаше зезање со неа.“

Меѓутоа, во средно училиште шеговитите коментари се претвориле во навреди и малтретирање.

„Во осовно бев чудна, но во средно станав предмет на исмевање. Им даваше муниција и трпев многу работи. Еден ден решив дека веќе нема да трпам“, се присетува Марихуана Пепси.

Таа вели дека семејството ѝ помогнало да најде сила да се справи со коментарите и да го смени ставот.

Минатиот месец таа го одбрани докторатот „Black names in white classrooms- teacher behaviours and student perceptions“ на Катедрата за лидерство во високото образование при Универзитетот Кардинал Стрич во Висконсин.

„Иако имав проблеми со моето име, не размислував како тоа се одразува на другите“, вели таа.

„Луѓе сме, кога ќе слушнеме некое име, формираме мислење, предрасуди. Она што ќе го направите следно е тоа што прави разлика“, вели Марихуана Пепси која сега работи на програма за помош на студенти.

Коментирај