КУЛТУРА БЕТА ОДБЕЛЕЖУВА 5 ГОДИНИ ОД ОСНОВАЊЕТО

Марија Велинова: Доста беше „на ти го-дај ми го“, да го разбиеме елитниот круг во културната фела

Во срцето на македонската алтернативна културна сцена веќе пет години пулсира Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“, платформа која стана синоним за поддршка и промоција на млади уметници.

На 15. февруари 2025 во кафе-книжарницата „Буква“, „Култура Бета“ ќе го прослави својот 5. роденден со сеопшт џем каде што секој од публиката е поканет да земе учество - како поет, како музичар, како колажер.

По повод овој значаен јубилеј, разговараме со Марија Велинова, членка и уредничка на платформата, која е и поетеса и студентка на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Велинова, авторка на стихозбирките „Разговорите што не можевме да ги имаме“ и „Омарнина што омалаксува“, е активна и во Уредничкиот одбор на Скопскиот поетски фестивал и како проектна асистентка на Филозофскиот филмски фестивал, што јасно говори за нејзиниот придонес кон културниот живот.

„Култура Бета“ е доказ дека младинската култура е темелот на алтернативната сцена во Македонија, бидејќи од неа произлегуваат новите трендови и правци. Велинова вели дека пред пет години „Култура Бета“ започнала како младински аматерски театар, но поради пандемиските околности било тешко театарот да функционира онлајн. Затоа, тогашните основачи Андреј Медиќ Лазаревски, Марија Хана Трајкоска и Леонид Георгиевски решиле да почнат со собирање на поезија, кратки раскази и визуелна уметност и да ги споделуваат на социјалните мрежи на „Култура Бета“.

Главната мисија на „Култура Бета“ е да создаде простор за млади уметници, културни работници и активисти. Велинова додава дека тој простор е многу значаен, иако сѐ уште зборуваат главно за виртуелен простор, но сепак има и физички простори со кои делат слични вредности и со кои постојано соработуваат, притоа споменувајќи ги кафе-книжарниците „Буква“ и „Илика“.

За важноста на поддршката на слободната младинска уметност надвор од мејнстримот и институциите, Велинова истакнува дека е важно да се поддржува младинската култура бидејќи токму од неа произлегуваат новите нешта во македонската (алтернативна) култура.

Во продолжение, прочитајте го целото интервју со Марија Велинова и дознајте повеќе за достигнувањата, предизвиците и плановите на „Култура Бета“ во годините што следат.

Марија Велинова како модераторка на шестата Поетска епизода, „Ново читачко лето“ (Фото: Томислав Георгиев)

Како се роди идејата за создавање на платформата за младинска култура пред 5 години? Кои беа најголемите предизвици со кои се соочивте?

„Култура Бета“ пред 5 години започна како младински аматерски театар, но со сите тогашни пандемиски околности било тешко како театар да се функционира онлајн. Затоа, тогашните основачи на „Култура Бета“, Андреј Медиќ Лазаревски, Марија Хана Трајкоска и Леонид Георгиевски решиле да започнат со собирање на поезија, кратки раскази и визуелна уметност и да ја споделуваат на социјалните мрежи на „Култура Бета“. Се сеќавам дека кога го видов профилот и го прочитав нивниот опис „Неформално здружение за креативно и културно изразување“ си реков „конечно!“. Следеше и првиот повик на кој веднаш им испратив поезија и краток расказ бидејќи навистина беше потребен простор каде што може за првпат, како млади уметници, да го претставиме и објавиме тоа што го твориме – така и започнува мојата соработка со „Култура Бета“, а од пред две годни сум и членка на тимот како уредник.

Неколку месеци по работата само на социјални мрежи, доаѓа до идејата да се отвори веб-страницата kulturаbeta.com кога се почнува со вистинската работа каква што е денес. Сè започнало со објавување на колумни, рецензии на книги и филмови, интервјуа со млади уметници... Главниот предизивик тогаш било пробивањето на платформата, создавање на некаква препознатливост и прифаќањето од страна на младите уметници.

Исто така, беше потребно повеќе труд додека да се најде вистинскиот начин „Култура Бета“ од онлајн платформа да се пренесе во вистинскиот простор, да се најде место и начин да се организираат настани, а секако и тие да одговараат на потребите на културните уживатели и работници. Денес, сметам дека „Култура Бета“ е препознатлива младинска организација која промовира, афирмира и создава простор за младите уметници, културни работници и активисти.

Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски модерираат настан на „Култура Бета“ во МКЦ СКопје

Која е главната мисија на Култура Бета и како се трудите да ја остварите преку платформата?

Како што кажав, главната мисија ни е да создадеме простор. Тој простор ни е многу значаен иако сѐ уште зборуваме главно за виртуелен простор, но сепак има и физички простори со кои делиме слични вредности и со кои постојано соработуваме. Тука не може да не ги споменеме кафе-книжарниците „Буква“ и „Илика“ на кои што сме им посебно благодарни што ни ги отстапуваат своите простори за нашите настани, акции, разни иницијативи, но и за тоа што активно земаат учество во нашата визија.  Нешто што ни е особено важно е да ја шириме идејата за создавање и надоградување на заедницата од самата заедница. И таа заедница треба да биде креативна, пркосна, со раздвижена култура и општествено свесна култура.. Да, сето ова е предизвикувачки, но истовремено и многу забавно и интересно бидејќи зборуваме за куп млади луѓе со кои што заедно го остваруваме ова.

РЕ-КУЛТУРА во Илика (фото: Теодор Тасевски)

Зошто сметате дека е важно да се поддржува слободната младинска уметност надвор од мејнстримот и институциите? Како ја дефинирате "слободната младинска уметност" и што ја разликува од институционалната уметност?

Важно е и мора да ја поддржуваме младинската култура бидејќи токму од неа произлегуваат новите нешта во македонската (алтернативна) култура. Слободната уметност е онаа уметност која не е кич, не е мејнстрим, излегува од и ги крши стандардните граници – затоа сме „бета“ нели. За да биде слободна треба да ѝ ги отстраниме пречките и таа ќе може да се развива во нови форми и состави, макар биле и сѐ уште недефинирани. И затоа поддршката од заедницата е клучна, за да може оваа младинската и, уште поважно, слободна култура да се создава.

Кои се најзначајните достигнувања на Култура Бета во изминатите 5 години? Можете ли да споделите некои инспиративни приказни за млади уметници кои се афирмирале преку вашата платформа?

Многу нѐ радува кога некој што првпат објавил песна, на пример, кај нас се ослободил и убавиот фидбек што го добил од публиката му бил пресуден за да може понатаму да продолжи да твори, да споделува и да издава – тој факт сам по себе е инспиративен. Многу е значајно и кога некој ќе дебитира кај нас на настан или кога ќе му се случи првата изложба, тоа се убави моменти!

Кога зборуваме за достигнувањата на „Култура Бета“ можеме да кажеме дека тоа се настаните кои ги организираме. Последно, фестивалот „Ре-култура“ кој се случи во „Илика“ и „Буква“ е настан кој нѐ направи посебно среќни бидејќи кога ќе видиш публика за време на сите 12 часа колку што траеше настанот е прекрасно. Дополнително тој настан ни е многу значаен бидејќи за првпат во нашето функционирање заедницата директно се вклучи во настанот преку донаторската акција на стари книги. Секако треба да ги споменеме и циклусот на поетски читања „Поетска епизода“, мултимедијалниот настан „Клинци“ кој е фокусиран на млади и секоја свирка, изложба, промоција, секој разговор си го гледаме како мала победа со која ги остваруваме нашите идеи.

✂️🩹КОЛАЖОТ Е КОЛЕКТИВНА РАБОТА! В сабота (15.2.) го правиме најголемиот заеднички колаж! Дојдете, сецнете, залепете,...

Posted by Култура ß on Wednesday, February 12, 2025

Како го организирате процесот на селекција и курирање на содржините на Култура Бета? Како ја поттикнувате креативноста и експериментирањето кај младите уметници?

Тоа е уредничка и тимска работа! Заедно го правиме планот за работата на „Култура Бета“, заеднички ги осмислуваме настаните, бараме учесници за нив. Се обидуваме во нашите содржини да опфатат и актуелни уметници, некои нови на кои треба да им се даде глас, но честопати и веќе добро афирмирани! Додека, поттикот е нешто што се случува спонтано – гледаш дека некои млади прават нешто и им се приклучуваш. Тоа е идејата на „Култура Бета“, секој да може да се вклучи во нашата работа.

Момент од „Клинци 3“ во Europe House во Скопје

Со кои предизвици се соочувате во моментов? Какви планови и визија имате за иднината на платформата во следните 5 години?

Планот за следниот период ни е да изнајдеме начини на функционирање преку кои нашите моментални активности, како на пример настаните, би биле поголеми, поконцизни и поконтинуирани. Но, и да се фокусираме на нешто што е ново за нас, а тоа е издавањето на физички изданија.

Ако зборуваме за одржливост, улогата и учеството на заедницата, културните работници и активисти, како и на општествено одговорните чинители е клучно за да можат вакви иницијативи да работат. Тоа до некаде се покажа како возможно преку донаторската акција во рамки на „Ре-култура“.

Велинова на Поетска епизода #9

Како ја градите заедницата околу Култура Бета? Соработувате ли со други слични иницијативи или организации и на кој начин?

Соработката не само што е потребна, туку е и неизбежна. Една од нашите заложби е токму разбивање на тој елитен круг кој често се создава во културната фела, да се сруши тој „на ти го-дај ми го“ концепт на функционирање кој е познат за ова општество.

Само преку здрав однос на уметниците се отвора простор за раст и на секој поединец и на општеството како целина. За оваа цел, соработката меѓу културните работници и меѓу ваквите и слични на нас организации, колективи, здруженија ни е клучна. Еве, програмата за нашиот 5. роденден е токму тоа: соработка, дружба, отвореност кон сите. Само така се гради заедница.

Како гледате на улогата на младите уметници во создавањето на нови културни движења? А што со потенцијалот на младинската уметност за социјално влијание?

Сметам дека си доаѓа едно со друго, создавањето на културни движења, како и создавањето на таа раздвижена, свесна, ангажира и одговорна култура која ја споменав погоре, несомнено самата изнудува и социјално влијание. Нашата работа, секако, не подразбира само креативно творење, туку и отворање на општествените прашање (секако во контекст на културата). Тоа што го зборуваме за подигање на свеста, за креирањето заедница, за воспоставување нови практики во културата е социјално прашање. 

реклама

Интервју

Марија Велинова: Доста беше „на ти го-дај ми го“, да го разбиеме елитниот круг во културната фела

Read more

Интервју со Афродита Салихи - фудбалерката рекордер

Read more

Катарина Луа ван Хоф: Книжевната фикција е суштинска за зачувување на слободата и сè што е убаво во светот

Read more

Здравка Евтимова: Талентот на писателот умира ако писателот пишува лаги

Read more
 

Ново

Зошто е важно да им дозволите на децата да прават грешки додека растат?

Читај повеќе

Германија заплени танкер со руска нафта во вредност од 40 милиони долари

Читај повеќе

100 психолози вклучени во зајакнатата психосоцијална поддршка на учениците во Кочани, Виница, Штип, Чешиново – Облешево и околните места

Читај повеќе

Кривични за директор и членови на комисии од Охрид и од Струга

Читај повеќе

Митева: ДПИ досега има записник од 82 контроли, голем број издадени решенија за забрана за вршење на дејноста

Читај повеќе

Владата во целост ги покрива трошоците, финансиска поддршка за сите семејства на жртвите од Кочани

Читај повеќе

Кривични пријави за 34 физички и три правни лица, доколку постојат докази, истрагата ќе се шири

Читај повеќе

Хамилтон од пол-позицијата ќе го стартува спринтот во Шангај

Читај повеќе

Драма во унгарскиот парламент по усвојувањето на законот за забрана на Парадата на гордоста

Читај повеќе