Фудбал

Марио Манџукиќ стави крај на репрезентативната кариера

14. август 2018 - 15:17 | К.З.

Хрватскиот напаѓач Марио Манџукиќ реши да се прости од репрезентативниот дрес и денеска преку писмо објавено на неговиот Instagram профил се збогуваше со навивачите.

Играчот на Јувентус летово имаше одличен настап за репрезентацијата на Хрватска, која успеа да стигне до финалето на Светското првенство во Русија. Тој во прошталното писмо порача дека неговото место од денес па во иднина не е на теренот, туку помеѓу навивачите.

„Драги навивачи, отсекогаш повеќе сакав да говорам на теренот отколку надвор од него. Поради тоа овие зборови ми се потешки отколку да направам лизгачки старт на противникот или да истрчам спринт во 120 минута“, пишува во почетокот на писмото на Манџукиќ.

Тој пишува за страста и емоцијата која ја чувствува кога ќе ја слушне химната на Хрватска и вели дека репрезентативната пензија му паѓа потешко од било што на теренот. Најважниот спомен од неговата кариера, вели Манџукиќ, е успехот на Хрватска на СП и дочекот кој го организираа навивачите кога репрезентативците се враќаа во нивната татковина.

„Нема идеален момент за пензија. Да можевме, верувам дека ќе настапувавме за Хрватска додека сме живи бидејќи нема поголема гордост од тоа. Но, чувствувам дека моментот за мене дојде сега“, додава Манџукиќ.

Марио Манџукиќ дебитираше за хрватската репрезентација пред 11 години, токму против Македонија, во натпревар кој македонската репрезентација го доби со резултат 2:0 на домашен терен. Првиот репрезентативен гол го постигна против Англија во 2008 година, во поразот од 4:1. За репрезентацијата одигра 89 натпревари и постигна 33 гола, со што е вториот најдобар стрелец на сите времиња во хрватскиот дрес, веднаш зад Шукер, кој има 45.

„Од денеска, моето место е помеѓу вас – помеѓу најверните навивачи на Хрватска. Ве сака Манџо“, заврши напаѓачот.

Коментирај