Филм & ТВ

Марк Хамил и Гал Гадот помеѓу презентерите на Оскари 2018

21. февруари 2018 - 19:56 | К.З.

Филмската Академија денеска објави неколку од имињата кои ќе бидат презентери на овогодинешните Оскари, а листата секојдневно се надополнува со ѕвезден квалитет.

Од Академијата најавија дека оваа година листата на презентери на наградите ќе биде поголема од било која претходна година, а помеѓу имињата на неа ќе се најдат и неколку добро познати имиња кои доделуваа награди и претходните години.

Чедвик Босман, кој се појави во боксофис хитот „Black Panther“ ќе биде едно од новите лица на сцената на Оскари 2018, а друштво ќе му прават уште и Арми Хамер, Лин-Мануел Миранда, Џина Родригез и новиот Спајдермен, Том Холанд.

Помеѓу главните ѕвезди кои ќе ја имаат честа да доделат некоја од златните статуетки на гала-вечерта се најдоа херојот на една генерација, Марк Хамил и модерната Wonder Woman, Гал Гадот. Нив ќе им се придружи и Ема Стоун, за која ова ќе биде втора година по ред како ќе ја има честа да доделува награди на Оскарите.

„Без разлика дали ова им е првпат на сцената или се тука веќе неколкупати, секој од овие артисти и филмски работници се издвојува со своите достигнувања и носи енергична привлечност. Нивните придонеси ќе ја направат оваа вечер неверојатна“, рече продуцентот на вечерта, Мајкл Де Лука.

Некои од презентерите ќе се борат и за награда, но ниту еден од нив нема да ја презентира категоријата во која е номиниран.

Коментирај