Интернет

Марк Закерберг: Facebook го отежнува изневерувањето

15. јули 2017 - 10:26 | А.С.

Директорот и основач на Facebook Марк Закерберг рече дека социјалната мрежа им го отежнува изневерувањето на мажите бидејќи нуди прилика да се откријат информации за нив и нивниот приватен живот кои инаку би ги сокриле ако сакаат да изневерат.

Закерберг во изминативе неколку месеци патува низ САД и за време на посетата на Вилистон во Северна Дакота открил како неговата социјална мрежа влијае врз врските во земјата. Вилистон е гратче каде често поминуваат работници, мажи од други градови и поради тоа во градот има десет пати повеќе мажи од жени.

„Работниците доаѓаат во Вилистон на недела-две, а потоа се враќаат дома. Поминуваат неколку дена со семејствата и пак доаѓаат во Вилистон. Жените кои ги запознав таму ми рекоа дека се чувствуваат сигурно. Некои од нив преку Facebook дознале дека нивните момци имаат семејства далеку од Вилистон. Ми се заблагодарија што оваа социјална мрежа им го отежнува на мажите изневерувањето и можноста да водат двоен живот“, рече Закерберг.

Тој додаде дека преку популарната социјална мрежа се доаѓа до основни податоци за луѓето кои само што сте ги запознале, па можете со време да добиете важни податоци, како на пример дали некој е во брак или не.

Коментирај