Интернет

Марк Закерберг ве спасува од рекламите на Facebook

12. јануари 2018 - 10:41 | М.Д.

Истражување покажува дека користењето на социјалните мрежи за поврзување со луѓето кои ни значат може да биде добро за нас. Можеме да се чувствуваме поврзано и помалку осамени, вели директорот на Facebook.

Марк Закерберг најави промени на оваа социјална мрежа, кои најпрво ќе се видат на таканаречениот News Feed, каде се прикажуваат објавите на други корисници и страници, односно ќе има помалку реклами, а повеќе објави од пријателите и семејството.

Закерберг во соопштение токму на Facebook, објасни како во текот на изминативе неколку години јавната содржина на таа мрежа „експлодираше“, поради што рамнотежата на News Feed се пореметила на штета на поврзаноста со блиските.

„Чувствуваме одговорност да обезбедиме нашите услуги да не бидат само забавни за користење, туку и добри за луѓето. Поради тоа внимателно го проучувавме овој тренд гледајќи академски истражувања, односно вршејќи сопствени истражувања. Истражувањата покажуваат дека користењето на социјалните мрежи за поврзување со луѓето кои ни значат може да биде добро за нас. Можеме да се чувствуваме поврзани и помалку осамени. Од друга страна, пасивното читање на текстови и гледање на видеа, дури и ако се забавни и информативни, можеби не е еднакво добро“, напиша Закерберг.

Закерберг вели дека главна цел на оваа социјална мрежа сега е помагање во социјалните интеракции, а не пронаоѓање на релевантна содржина.

Промените во тој правец започнаа уште од минатата година, а ќе биде потребно новиот фокус да дојде до сите производи, додека првите промени ќе се видат токму на News Feed.

Коментирај