Фудбал

Марко Џампаоло е нов тренер на Милан

19. јуни 2019 - 19:55 | К.З.

Заминувањето на Џенаро Гатузо остави празно место на тренерската клупа на Милан, но раководството на италијанскиот гигант не чекаше долго за да назначи нов тренер. Тимот во наредната сезона ќе го предводи Марко Џампаоло, довчерашниот тренер на Сампдорија.

Џампаоло (51) пристигнува од клупата на Сампдорија, каде помина три прилично успешни сезони и доби пофалби од италијанските медиуми како човек кој е подготвен за следниот чекор во кариерата – предводење на голем клуб.

Како тренер, Марко Џампаоло претходно работеше само во италијански клубови како Кремонезе, Емполи, Бреша, Чезена, Сиена и Каљари, но ангажманот во Сампдорија му ја донесе славата и вистинската шанса за напредок во кариерата.

Со новиот тренер, Милан ќе се надева дека може да обезбеди пласман во Лигата на шампионите следната сезона.

Покрај пристигнувањето на Џампаоло, денеска беше официјализиран и трансферот на босанскиот репрезентативец Раде Круниќ од Емполи, а деновиве се очекува Милан да го комплетира и трансферот на Џордан Веретут од Фиорентина. Двајцата се играчи од средината на теренот.

Коментирај