Марко Погачар: Секоја добра поезија е социјално ангажирана

Во рамките на четвртото издание на Скопски поетски фестивал што се одржа од 29 мај до 1 јуни на неколку локации: во Младинскиот културен центар ‒ Скопје (кино „Фросина“), во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје и во кафе-книжарницата „Буква“, Скопје беше домаќин на поети од Норвешка, од Ирска, од Словенија, од Грција, од Хрватска и од Србија, како и на дваесетина домашни поети.

Учесниците на настанот „Борба. Не војна!“ со организаторите на СПФ 2024 (Фото; Диме Данов)

Отворајќи со настанот „Борба. Не војна!“, фестивалот понуди богата програма што опфати неколку поетски читања, како и промоции на книги, ликовна изложба, неколку поетски филмови, мастерклас или работилница за снимање поетски филмови, како и јога-час и поетско читање во природа за гостите од странство.

Меѓу гостите на годинашното издание беше и Марко Погачар од Хрватска, кому ова не само што не му беше прво доаѓање во Македонија, туку со Скопје го поврзуваат многу настани и години. Погачар, автор на дваесетина книги поезија, проза и есеи, исто така ги уредил антологиите „Хрватска млада лирика“ (2014) и „Работ на страницата: млада поезија во Хрватска“ (2019), бил уредник во „Зарез“ и „Кворум“, а сега е коуредник на порталот „Критика-ХДП“.

Бил стипендист на фондациите: Civitella Ranieri, Passa Porta, Milo Dor, Literarische Colloquium Berlin, Internationales Haus der Autoren Graz, Krokodil Beograd, Literaturhaus NÖ, Récollets-Paris, Poeteka Tirana, Landis & Gyr, DAAD Berliner Künstlerpro, итн. Тој е претседател на „Горанова пролет“. Добитник е на повеќе хрватски и меѓународни награди за поезија, проза и есеистика. Неговите книги се преведени на десетина јазици, а одделни текстови на повеќе од триесет и пет јазици. Разговаравме со него за тоа како го доживеа Скопски поетски фестивал, за поезијата и книжевноста, за предизвиците, но и паралелите што може да се повлечат меѓу книжевните сцени.

Ова не е прво доаѓање во Македонија за тебе, какви ти се претходните искуства?

Сум бил многупати во Македонија, по разни поводи, најчесто книжевни. Всушност, има повеќе од 20 години од моето прво доаѓање тука, а сега имам 40. Тоа значи дека, тукуречи редовно, се дружиме покрај Вардар повеќе од половина од мојот живот. Секој следен пат е возбудливо, секојпат нешто ново. Имам многу добри другари и другарки тука. Токму тие посебни, за нас важни луѓе, имаат пресудно влијание врз нашето искуство и поимање на една земја. Таквите тешко се се наоѓаат. А градови и ридови има секаде.

Колку си запознаен со македонската книжевна сцена?

Следам колку што можам. Наназад за да пополнам некои празнини во рецепцијата, кои секогаш ги има, како и во реално време. За една книжевност со мал број луѓе кои го говорат јазикот, тука има и тоа како интересни автори и авторки кои се одлично прифатени на меѓународната сцена. Разбирам македонски, но тешко би се нафатил, освен информативно, да читам на тој јазик, особено проза. Со помладите генерации на југословенските простори тоа оди уште потешко. Треба да преведуваме многу повеќе.

Марко Погачар (Фото: Диме Данов)

Како ја дочека поканата за Скопски поетски фестивал? Какви се впечатоците сега?

Луѓето кои го водат СПФ се и самите поети и поетеси, се знаеме одамна, другари сме, ќе соработуваме и во иднина. Затоа ми е многу мило што имавме прилика да се дружиме и за време на фестивалот. Одличен спој на опуштено, интимно и спонтано, со професионална и прецизна организација. Уште една работа ме изненади сега во Скопје, претходно не ми паднало в очи: има многу локали кои се книжарници и кафани под ист покрив. А тоа е, кажано во еден послободен контекст, токму концептот на книжевните фестивали: книги и кафани на куп. Така, цело Скопје е на некој начин поетски фестивал.

Дали, од досегашното искуство, можеш да повлечеш паралели меѓу хрватската и македонската книжевна сцена?

Хрватска е сепак нешто поголема и на рани начини е сепак дел од еден многу поголем простор на заедничкиот српскохрватски јазик. Исто така, чинам буџетското финансирање кај нас игра поголема улога. Инаку, се соочуваме со слични проблеми и предизвици. Не може и не треба да останеме во своите јазични рамки, пред сè како читатели, а потоа и како автори. Како што вели Шарло Акробата: „Малиот човек сака преку линијата. Оти мора.“

Социјално ангажирана поезија. Императив во вакви бурни времиња или нужно зло?

Секоја добра поезија е социјално ангажирана. Но, таа самата ги бира начините, методите и стратегиите, и тоа воопшто не мора на прв поглед да биде очигледен „ангажман“. Баш таков, со фанфари, честопати е јалов, не им прави услуга ни на општеството, ни на поезијата. А поезијата е услуга за сите нас. Привилегија што ни припаѓа на сите.

 

Три песни од Марко Погачар
 

Човек вечера во влечките на својот татко

 

Што беа границите сега си ти.

беше мај длабок и рамен

улицата раскопана од работа, снегот

сув и одеднаш.

да кажам отворено:

никому ништо не должев.

стоев во довратникот, водата

смрзната од страв ми го мокреше грбот.

а кога ги склопив очите видов

пуканките итаат кон својата сол и знаев

понекогаш ноќе поцрнуваат, како брбушки.

влегов да се соочам со мачната слика:

не љубовта, глупоста, глупоста е срцето на светот –

и сега во тие влечки внатре јадам и плачам,

само јадам и плачам дома.

 

За слабото време

 

Не е тоа никаква пролет.

само цвеќињата се извиваат тапо од своите чашки

и пчелите го пеат линолеумот и тепихот на ветрот. воздухот,

длабок и тежок, се вовлекува под тревата и ги поткрева

стомаците на глувците: не минува ден а тие

го разгрлуваат телото како завеса и ги разнесуваат

коските и дробовите. не е тоа никаква пролет.

само водите во реките растат и килерите

чекаат да ги исполни пустата новост. понекаде боговите

гукаат од гробовите, како гулаби. и нивниот народ

на друг народ му ги копа очите, но ноќе, тоа се случува

ноќе. дење пупи и во градот се враќаат птиците: жиците

тешки од песна и земјата плодна од гомна го затегаат грлото.

живите огради ползат кон небото. келнерите ги вадат масите

и мувите упаѓаат во чашите. зеленото брзо си го учи јазикот –

сигурниот речник на кипарисот, буквите на буките и брезите;

дури и земјата под ноктите готова е за цут. сепак не е

тоа пролет. не е тоа ништо. нема пролет без тебе, доста е

доста беа лаги.

 

Епика, таму горе

 

Талогот е огромен таму горе, голема локва катран.

 

небото празен филџан за кафе.

траги од рози на забите, опасната работа на минливоста

поздрави распослани по собата како маси на летна тераса,

пепел во ушните школки, устите, дланките,

во пустите пепелници на светот.

 

сите светци е, а јас не верувам во ниеден.

есента на сите нешта: распаѓањето на телото и времето, црвениот календар,

излетите, дупките во ништо, ноќите, кои се хронично згрутчување на светлината.

 

однекаде мирис на брусење, лудилото на есенскиот студен фронт: врне

и го врне кафето, и ние пиеме додека уште можеме; додека сме уште тука.

реклама

Како се препознава лажен мед без да се отвори теглата?

Read more

Колку сол треба да ставите во киселата зелка?

Read more

Отстранете го тврдоглавиот бигор со две природни состојки

Read more

Финансиски хороскоп од 16 до 22 септември

Read more

Интервју

Ненад Шапоња: Македонскиот навистина ја заслужува титулата јазик на поезијата

Read more

Ѓорѓи Јолевски: Тоа е една посебна магија, паѓаат ѕвезди додека гледате филмови

Read more

Да се претстават убавините на филм-есејот пред македонската публика е големо задоволство и уште поголема одговорност

Read more

Марко Погачар: Секоја добра поезија е социјално ангажирана

Read more
 

Ново

Трамп ги обвини Бајден и Харис за обидот за атентат: Тие се вистинска закана

Читај повеќе
  • play_arrow

Сите голови: Преглед на 5. коло во 1.МФЛ

Читај повеќе

Силен земјотрес во Романија

Читај повеќе

Циклонот Борис ќе се пресели во Италија

Читај повеќе
  • play_arrow

Објавена снимка од апсењето на напаѓачот на Трамп

Читај повеќе
  • play_arrow

Ван Перси попарен на стартот од тренерската кариера, изгуби 9:1

Читај повеќе

Британски дипломат: Трамп најверојатно ќе победи, Камала ја прави истата грешка како Хилари

Читај повеќе

По една година решена мистеријата за 9-дневните вибрации на планетата: Се случило мегацунами

Читај повеќе

Фудбалер од Турција пријавил дека бил нападнат од вработен во ФК Вардар по вчерашниот натпревар

Читај повеќе