Фудбал
СЕРИЈА А 2019/20

Мартинес и Лукаку му донесоа победа на Интер

30. октомври 2019 - 8:25 | Ф.З.

Со головите на Аргентинецот и Белгиециот, Интер ги собра бодовите од гостувањето кај Бреша на Балотели.

Интер поведе во 23-тата минута со среќниот гол на Лаутаро Мартинес по чиј удар топката го закачи домашниот дефанзивец Андреа Чистана и го измами голманот Енрико Алфонсо.

Во 63-тата минута Ромелу Лукаку со прекрасен погодок го зголеми водството на 2:0 речиси осигурувајќи ја победата.

Неизвесноста Бреша ја врати во 76-тата минута со автоголот на Милан Шкринијар. Димитри Бизоли од блиску биеше во голманот Самир Хандановиќ, а одбиената топка се удри во словачкиот дефанзивец и заврши во гостинската мрежа.

Сепак Марио Балотели и неговиот тим не успеаја да постигнат израмнувачки гол, па Интер по киксот со Парма им се врати на победите.

„Нераѕурите“ барем до вечер ќе бидат на челната позиција со 25 бода, но со победа на Јувентус над Џеноа повторно ќе се вратат на второто место.

Коментирај