Филм & ТВ

Marvel го отпушти, DC го најми: Џејмс Ган ќе биде креативната сила зад „Suicide Squad 2“

10. октомври 2018 - 10:53 | К.З.

Џејмс Ган беше отпуштен од режисерската позиција на „Guardians of the Galaxy 3“, иако според мислењето на фановите тој беше најзаслужен за успехот на овој серијал. Warner Bros. ја искористи таа ситуација и реши да го назначи Ган за нов режисер на „Suicide Squad 2“.

Marvel го отпушти Џејмс Ган поради контроверзни твитови на неговиот Twitter профил во минатото, кои студиото ги опиша како „срамни и непотребни“. Тој во твитовите се шегуваше за чувствителни теми како педофилија и силување, иако и самиот е гласен противник на истите.

Тој потпиша договор со Warner Bros. со кој се обврзува да го напише сценариото за „Suicide Squad 2“. Студиото е во преговори со Ган и за режисерската позиција, но тој засега сака да види како ќе се одвива работата околу сценариото пред да прифати да биде режисер на овој проект кој може да се покаже како одлучувачки за успехот на филмската франшиза на DC.

Фановите на филмовите на Marvel беа многу разочарани кога слушнаа дека Џејмс Ган е отпуштен од режисерската позиција на „Guardians of the Galaxy 3“, бидејќи сметаа дека тој беше водечката фигура околу која се вртеше иновативноста на серијалот. Главните актери во филмот, Крис Прат и Зои Салдана напишаа отворено писмо до Disney за режисерот да биде вратен на позицијата, а актерот Дејв Баутиста дури изјави дека нема намера да се врати во неговата улога доколку Disney не ја промени одлуката.

„Одлуката за отпуштање на Џејмс Ган ја донесоа неколку извршни лица од студиото и кога дојде до мене, јас само се сложив и ја потврдив“, изјави тогаш Боб Ајгер, извршниот директор на Disney.

Според гласините, Џејмс Ган нема да пишува продолжение на „Suicide Squad“, туку сосем нов филм кој ќе проба да ги исправи грешките на DC од изминатите неколку филмови.

Коментирај