Филм & ТВ

Marvel најави 10 нови филмови, Махершала Али е новиот Блејд

22. јули 2019 - 16:48 | Б.С.Б.

На Comic Con настанот во Сан Диего американското филмско студио Marvel најави 10 нови филмови. Опкружен со многубројни холивудски ѕвезди, директорот на компанијата Кевин Фејџ ја објави листата на нови филмови и ги одушеви посетителите.

Едно од поголемите изненадувања е што оскаровецот Махершала Али ќе го глуми ловецот на вампири Блејд, филм од 1998 година во кој главната улога ја толкуваше Весли Снајпс.

Натали Портман потврди дека ќе се врати во четвртото продолжение за филмот за Тор, „Thor: Love and Thunder“. Повторно ќе ја видиме во улогата на Џејн Фостер, овој пат надарена со моќите на чеканот на Тор.

Претходно пишувавме за филмот „The Eternals“ во кој главните улоги ќе ги толкуваат Анџелина Џоли и Салма Хајек. Исто така, ќе се снима и првиот филм за азиско-американски суперхерој Шанг Чи. Главната улога му е доделана на канадскиот актер Симу Лиу, кој ќе толкува улога на кунг-фу мајстор. Шанг Чи, син на татко Кинез и мајка Американка за првпат се има појавено како лик во стриповите на Marvel пред 50 години.

Коментирај