Фудбал

Масаро: Икарди наредната сезона ќе игра во Ла Лига

21. ноември 2017 - 18:42 | К.З.

Италијанската легенда Даниеле Масаро, кој го носеше дресот на Милан, тврди дека знае која е следната дестинација на напаѓачот на градскиот ривал на Милан, Мауро Икарди.

Напаѓачите на Реал Мадрид се мачат да постигнат гол оваа сезона, па Масаро тврди дека времето на Бензема во белиот дрес е завршено.

„Уште денеска можам да ви кажам дека Икарди следното лето ќе отиде во Реал Мадрид и ќе го замени Бензема“, изјави Даниеле Масаро за Calciomercato.

Реал Мадрид заостанува цели 10 бодови зад најголемиот ривал, Барселона, и притоа постигнаа 11 гола помалку од лидерот на табелата во првите 12 кола од оваа сезона.

Главните напаѓачи на клубот од Бернабеу, Роналдо и Бензема, имаат постигнато по еден гол, а спротивно на нив, Мауро Икарди постигна 13 гола во 13 натпревари во италијанската Серија А. Икарди би можел да биде совршена замена за Карим Бензема, кој летово беше на мета на Арсенал, Милан и ПСЖ.

Вредноста на Икарди се проценува на околу 100 милиони евра, но очигледно е дека Интер нема да сака така лесно да се ослободи од Аргентинецот, така што Реал ќе мора да одвои солидна сума на пари ако сака да ги обезбеди неговите услуги.

Коментирај