Вести

Маск ќе го добие Twitter облогот со милијардерот Кенон-Брукс

23. ноември 2017 - 17:28 | кајгана/макфакс

Можеби Елон Маск задоцни со претставувањето на новиот е-камион според првите проценки, но за овој облог се потруди да стигне на време и да го исполни ветеното.

Огромната литиум-јонска батерија, која ја прави компанијата „Tesla“, влегува во финална фаза на тестирање, што значи дека Елон Маск ќе го добие облогот што го даде дека батеријата ќе биде завршена во рок од 100 дена.

Инсталирањето на најголемата батерија во светот – системот „Пауер пак“, со капацитет од 100 мегавати – беше завршено во Џејмстаун, Јужна Австралија.

Премиерот на оваа сојузна држава, Џеј Ведерхил, потврди дека компанијата на Елон Маск поставила систем кој ќе биде поврзан со ветерниците Hornsdale Neoen во близина на Џејмстаун, кој се наоѓа на три часа возење од главниот град на Јужна Австралија, Аделаида, кој се соочува со сериозни енергетски проблеми.

Ведерхил посочи дека батеријата од 100 мегавати сега ќе се полни со енергија и ќе се тестира за неколку дена за да се обезбедат сите регулаторни барања на пазарот и на државата.

„Додека другите само зборуваат, ние го реализираме нашиот енергетски план, со што Јужна Австралија ќе стане самоодржлива држава. Ќе обезбедиме резервна и подостапна енергија за жителите веќе в година“, објасни премиерот.

Компанијата „Tesla“ се вклучи во оваа приказна преку познатиот облог на извршниот директор и основач на компанијата, Елон Маск,  од март годинава, со милијардерот Мајк Кенон-Брукс.

Имено, Маск на Twitter  рече дека системот ќе биде инсталиран и во функција во рок од 100 дена од денот на потпишувањето на договорот, во спротивно инсталацијата не батеријата ќе биде направена комплетно бесплатно. Се проценува дека батеријата чини речиси 65 милиони австралиски долари (50 милиони американски долари), а официјално ќе биде претставена следната недела.

Коментирај