Авто новости

Маск објави снимка од Tesla автомобил кој „зборува“ со луѓето на улица

14. јануари 2020 - 17:36 | Б.С.Б.

Откако постојат, автомобилите не можат директно да комуницираат со пешаци и минувачи, освен ако се направи исклучок на трубење во момент кога некој му го попречи патот на возачот.

Но, изгледа дека наскоро има шанси ова да се промени, особено ако му веруваме на Елон Маск, кој на неговиот Twitter профил објави интересно видео со Tesla автомобил.

„Ако посакате, автомобилите на Tesla наскоро ќе можат да комуницираат со луѓето“, твитна иноваторот објавувајќи видео од Model 3, кој преку надворешни звучници им се „обраќа“ на минувачите.

„Па немојте само да стоите и да гледате. Влегувајте!“, „вели“ автомобилот најавувајќи дека во иднина автомобилите на Tesla би можеле да се користат и како самостојно такси.

Компанијата е позната по надградба на софтверот кој овозможува дополнителна функционалност на автомобилите. Сепак, сè уште не се знае кои модели се веќе опремени со надворешни звучници за потребите на ваквата реализација.

Одговарајќи на прашање поставено на Twitter, Маск предлага комбинирање на ваквите можности со веќе постојниот аларм со чија помош паметниот телефон го известува сопственикот за потенцијална провала во возилото.

Коментирај