Фудбал

Мбапе најави можно заминување од ПСЖ

20. мај 2019 - 10:30 | А.С.

Францускиот напаѓач Килијан Мбапе (20) со одличната сезона во која на 28 натпревари во првенството постигна 32 голови и на тоа додаде девет асистенции, заслужено ја доби наградата за најдобар играч во Лига 1.

Меѓутоа, по свеченоста за доделување на наградите за најдобрите во изминатата сезона, тој навести дека можно е наскоро да го напушти ПСЖ.

„Доаѓам до првата или втората пресвртница во кариерата. Можеби е време да имам повеќе одговорности, што би можело да биде во ПСЖ на големо задоволство, или можеби на друго место со нов проект. Ова ми беше четврта сезона во оваа лига и имав многу возбудливи искуства. Прво бев во Монако и ја освоивме титулата, а потоа се приклучив на многу поразличен проект во Париз каде успеав да се прилагодам уште во првата година. Имаше и разочарувања, но и тоа е дел од фудбалот и успеавме да решиме некои работи за да ја освоиме титулата“, рече Мбапе.

Реал Мадрид е клубот што најчесто се спомнува како следна дестинација за младиот Французин за кој секако, не недостигаат заинтересирани.

Мбапе исто така одигра 30 натпревари за француската репрезентација и постигна 12 голови за својата земја.

Коментирај