Французинот и натаму е тажен поради загубеното финале на Мундијалот во Катар.

Килјан Мбапе синоќа го спаси ПСЖ од реми со Стразбур кога длабоко во судиското надополнување реализираше пенал за победа од 2:1. По натпреварот уште еднаш повтори колку тешко му паднал поразот од Аргентина.
„Преживеав тешки моменти после поразот во финалето на Светското првенство. Мислам дека тоа никогаш нема да го преболам. Не е мојот клуб виновен што со Франција го загубив мундијалското финале. Сега мора да дадам сѐ за ПСЖ. Добро е чувството што се вративме со победа, поврзаноста со клубот, навивачите, соиграчите. Разговарав со тренерот пред финалето и му реков дека без обѕир на резултатот ќе се вратам по турнирот, затоа што се чувствувам добро и сакав да продолжам да играм, а згора на тоа имаме и два важни натпревари“, рече Мбапе говорејќи за L'Équipe.
Мбапе истакна и дека по финалето разговарал со клупскиот соиграч и капитен на аргентиската репрезентација, Лео Меси.
„Разговаравме, му ја честитав победата. Тој целиот живот сакаше да освои Мундијал. И јас исто така сакам, но сега не успеав. Секогаш морате да останете добар фудбалер. Ќе почекаме Лео да се врати и да продолжи да постигнува голови и да ги решава натпреварите“, додаде тој, можеби заборавајќи дека во 2018 всушност го освои Мундијалот.
Не сакаше да ги коментира навредите кои аргентинскиот голман Емилиано Мартинес по финалето ги упати кон него и кон Французите.
„Како играч мораш секогаш да бидеш фер, а неговите прослави не се мој проблем. Не трошам енергија на така безначајни работи. Најважно е да го дадам најдоброто за себе и за мојот клуб“, нагласи тој.
Кристоф Галтје, тренерот на францускиот шампион, напомена дека помеѓу Мбапе и Меси нема никаков проблем.
„Мбапе и Меси се ракуваа по финалето. Помеѓу нив постои големо почитување. Тоа е она што ми е важно“, наведе Галтје.