Јужнокорејскиот „Parasite“ е прогласен за Најдобар странски филм на 92. доделување на наградите на Американската академија за филмска уметност и наука во Театарот Долби во Лос Анџелес.
Во оваа категорија беше номиниран и филмот „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љумобир Стефанов, продуцентот Атанас Георгиев и кинематограферите Самир Љума и Фејми Даут, како и Corpus Christi, Les Miserables и Pain and Glory.
Категоријата Најдобар странски филм досега беше позната како Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.
Режисерот Бонг Џун-Хо и ко-сценаристот Ѓи Вон Хан веќе го добија и Оскарот за Најдобро оригинално сценарио за „Parasite“.
Оскарот во категоријата Најдобар документарец во која исто така беше номиниран „Медена земја“, го доби „American Factory“.
Тоа значи дека македонската екипа се враќа дома без Оскар, но сепак ќе остане запишана во историјата како екипата која го направила првиот македонски филм кој добил две номинации за Оскар. Исто така, „Медена земја“ влезе во оскаровската историја како единствен филм кој бил номиниран и во категоријата Најдобар документарец и во Најдобар странски филм.