Живот
ПОДГОТВЕНИ ЗА СВЕЧЕНОСТА ВО ЛОС АНЏЕЛЕС

„Медењаците“ ќе одат по Оскари во креации на Кокев

15. јануари 2020 - 16:04 | АЛЕКСАНДРА СПАСЕСКА

За првпат во историјата на македонската кинематографија наша филмска екипа ќе очекува два Оскари на доделувањето на наградите на Американската академија за филмска уметност и наука.

Завчера беа соопштени номинациите за Оскарите, а македонскиот „Медена земја“ доби две – за Најдобар документарец и за Најдобар странски филм.

Оваа вест за македонскиот документарец ја заокружи успешната година на филмската екипа која веќе се закити со бројни награди на светски фестивали и доделувања на признанија.

Документарниот филм „Медена земја“ е во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска. Филмот е во продукција на Атанас Георгиев, кој е и монтажер, а кинематографијата е на Фејми Даут и Самир Љума.

Нашата ѕвездена екипа ќе присуствува на свеченото доделување на Оскарите во февруари во Беверли Хилс, Лос Анџелес во креации на етаблираната модна дизајнерка Тања Кокев која преходно ги стокми и за доделувањето на Европските филмски награди во декември.

Креациите за „Медењаците“, како што ги нарече Кокев, се речиси подготвени. Георгиев, Стефанов, Даут и Љума ќе носат беспрекорни смокинзи кои се веќе готови, а се очекува враќањето на Котевска од Еквадор за да ја финализираат креацијата за неа, потврди Кокев за Kajgana.com.

Покрај тоа што двете номинации за „Медена земја“ се историски за македонската кинематографија, исто така се историски и за Американската академија за филмска уметност и наука. За првпат досега во историјата на Оскарите, еден филм е номиниран во иста година и во категоријата Најдобар документарец и во категоријата Најдобар странски фиилм (која до лани се викаше Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје).

Оскарите се доделуваат во 25 категории, а 92. издание на оваа престижна свеченост ќе се одржи на 10 февруари, 2020 година во театарот „Долби“ во Беверли Хилс.

„Медена земја“ (Honeyland) е прв македонски филм што успеа да добие две номинации за Оскар. Во 1995 година за првпат македонски филм доби номинација за Оскар  - „Пред дождот“ на Милчо Манчевски.

Манчевски присуствуваше на 67. свечено доделување на Оскарите на 27 март, 1995 година во Shrine Auditorium во Лос Анџелес.

„На Оскарите во 1995 од креативниот тим присуствуваа само Милчо и Лабина Митевска. Лабина тогаш носеше фустан од бела призренска свила што била семејно наследство и од која мајка ѝ и соши многу убав мини фустан. Еден цел ден во Лос Анџелес заедно одевме по продавници да си најде соодветни сандали, и најде едни едноставни на висока штикла. Беше многу убава, имаше 15-на години, како Ѕвончица.

Беше и тогашниот министер за култура Ешреф Алиу. Од продуцентскиот тим беа: од македонскиот продуцент Вардар филм - Горјан Тозија кој тогаш беше директор на тогашната државна продуценстка куќа, од Британија Сајмон Пери и продуцентките Кет Вилерс и Сем Тејлор и од Франција продуцентот Чедомир Колар. Од Македонија во Холивуд имаше и новинарски тим кој известуваше од Оскарите: јас бев од тогашен Вечер, Томислав Османли од тогашна Нова Македонија, Јагода Михајловска-Георгиева и тогашниот фоторепортер на неделникот Пулс Драган Тодоровски и Благоја Куновски-Доре од Македонското радио“, се сеќава новинарката Марина Костова, сега заменик-главна уредничка на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК и добитничка на наградата „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ за 2019 година за публицистика, за повеќегодишниот комплексен, меѓународен и мултидисциплинарен публицистички проект „Монографија Манчевски“ за творештвото на режисерот и уметник Милчо Манчевски. 

Коментирај