Кошарка

Меџик Џонсон за „разводот“ од Лејкерс: Ми работеа зад грб, се чувствувам предаден

20. мај 2019 - 19:37 | К.З.

Минатиот месец кошаркарската јавност беше изненадена од ненадејната одлука на Меџик Џонсон да си замине од позицијата директор на кошаркарски операции во тимот на Лос Анџелес Лејкерс. Тогаш, многумина му судеа, а тој денеска собра сили и за првпат по раскинот со неговиот клуб се појави на телевизија за да проговори за случувањата за завесата.

Неуспехот на Лејкерс за привлекување на втора ѕвезда во Лејкерс (покрај Леброн Џејмс) резултираше во раскин на договорот со Меџик Џонсон и остави зад себе многу незадоволни лица помеѓу фановите на овој клуб. Тој денеска гостуваше во шоуто „First Take“, каде влезе во детали околу неговото заминување од Лејкерс.

„Сакам да ѝ се заблагодарам на Џини Бас (сопственичката на Лејкерс) за можноста да бидам на таа позиција. Уште кога пристигнав ѝ реков дека не можам да се откажам од другите бизниси, бидејќи преку нив заработувам многу повеќе пари отколку во кошарката. Потоа ја прашав дали ќе ја имам моќта да бидам одговорен за секоја одлука. Таа ми потврди дека се согласува со овие две работи и ми рече дека ќе работам заедно со Роб Пелинка. Првата година беше одлична, но потоа почнаа проблемите“, рече Меџик.

По крајот на првата сезона, Меџик Џонсон почнал да слуша како луѓе надвор од организацијата зборуваат дека тој не работи доволно напорно. Откако ги проверил гласините, сфатил дека тие доаѓаат одвнатре, односно од неговиот соработник Роб Пелинка.

„Слушнав од луѓе во организацијата дека Роб ми зборувал зад грб дека не работам доволно, дека не се појавувам често во канцеларијата, а тоа не ми се допадна. Но, потоа слушнав дека тој го кажувал истото и на луѓе кои не се дел од организацијата, луѓе од медиумите и слично. Имам пријатели секаде, долго време сум присутен и вестите брзо доаѓаат до мене. Се чувствувам предаден од Роб Пелинка“, додаде тој.

Сепак, главната причина за неговото заминување е отпуштањето на тренерот Лук Волтон, кој пристигна во клубот во истиот момент како и Меџик, но не успеа да го убеди раководството дека заслужува да биде на таа позиција.

„Сакав да го отпуштам Лук Волтон. Ја повикав Џини и ѝ соопштив кои се работите кои Лук ги правеше добро, а кои лошо. Таа најпрво се согласи со мене, а ден потоа го повика Тим Херис (извршниот директор на Лејкерс) и тој сакаше да го задржиме Лук, бидејќи двајцата беа пријатели. Почувствував дека немам доволно моќ во организацијата и решив да си заминам“, заврши Меџик.

Пред Лос Анџелес Лејкерс се наоѓа бурно и возбудливо лето во кое клубот ќе се обиде да потпише некој од елитните слободни агенти на пазарот, како Кевин Дурент, Кајри Ирвинг, Џими Батлер или Кемба Вокер. Тие веќе назначија нов тренер – Френк Вогел, кој претходно работеше во Индијана Пејсерс и Орландо Меџик.

Коментирај