Живот

Меган не е како Кејт и Дијана: По примерот на кралицата Елизабета Втора, ќе се породи дома

11. април 2019 - 14:46 | А.С.

Војводата и војвотката од Сасекс ќе соопштат дека се родило кралското бебе „откако ќе прослават приватно како ново семејство“, соопшти денеска Кенсингтонската палата.

Меган Маркл се очекува да се породи во домашни услови со бабица, во Фрогмор Котиџ во Виндзор, каде живее со принцот Хари.

Таа сака да ги следи стапките на кралицата Елизабета Втора која е родена во Мејфер, домот на нејзините баба и дедо, и која ги роди нејзините четири деца во Бакингемската палата, односно во Клеренс Хаус.

„Војводата и војвотката од Сасекс се длабоко благодарни за добрата волја што им ја испраќаат луѓе од целото Обединето Кралство и ширум светот, додека се подготвуваат за раѓањето на нивното бебе. Нивните кралски височества донесоа приватна одлука да ги задржат во приватност плановите околу раѓањето на бебето“, рече портпаролот на Кенсингтонската палата.

„Војводата и војвотката од Сасекс со нетрпение очекуваат да ја споделат радосната вест со сите, откако откако ќе прослават приватно како ново семејство.“

Извори блиски до кралското семејство велат дека Хари и Меган, кои очекуваат нивното прво дете да се роди во следниве неколку недели, наводно не ја исклучуваат опцијата за породување во болница, со оглед на тоа дека кај жените над 35 години има поголем ризик од предвремено породување и потреба од епидурална анестезија или породување со царски рез.

Извори блиски до Меган велат дека таа редовно вежба јога и дека одлично ја поднесува бременоста. Наводно, 34-годишниот Хари ќе биде присутен „во секој чекор“ од породувањето.

Изворите исто така велат дека двојката веднаш ја исклучила опцијата за породување во приватниот оддел Линдо во болницата Сент Мери во Падингтон, каде Кејт Мидлтон, сопругата на принцот Вилијам, се породи со Џорџ (5), Шарлот (3) и Луј кој сега има 11 месеци.

Интересно е да се напомене дека мајката на принцовите Вилијам и Хари, покојната принцеза Дијана, беше таа што прва отскокна од кралската традиција на породување дома и ги роди двете деца токму во Линдо.

Меган наводно ја одбила идејата да застане на скалите пред породилното одделение и да позира за медиумите само неколку часа по породувањето, особено поради фактот дека нејзиното дете нема да биде во низата за наследник на британскиот престол.

Коментирај