Македонија

Меѓународна младинска обука на тема „Младите за безбедност на сообраќајот“

1. ноември 2017 - 13:41 | Кајгана

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со поддршка од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и во соработка со партнерите од земјава и странство,  а  во рамките на програмата Еразмус плус,  организира меѓународна обука за млади лица, на тема: „Младите и безбедноста во сообраќајот“. 

Обуката ќе се реализира во периодот од 01 – 07 Ноември  во  центарот за обука  на СИЗ „Македонија сообраќај“ – Америт -  Скопје и на истата ќе учествуваат  околу 40 учесници од  6 различни земји.

Целта на РСБСП  е со организација на седумдневна обука да се подигне културата и етиката кај младите лица за одговорно учество во сообраќајот, но и да се поттикнат младите активно да се вклучат во општествените процеси за креирање на општество со високо ниво на сообраќајна култура и издигнување на безбедноста во сообраќајот како највисока општествена вредност.

Енергијата, силата и иднината е во рацете на младите, а токму преку организација на вакви меѓународни активности се овозможува вмрежување на младите од цела Европа, можност за заедничко работење и размена на искуства и знаење и градење на заеднички  вредности – истакна Претседателот на РСБСП, Стојче Стаменковски.

Како организација која се грижи за поголема безбедност на сообраќајот на патиштата СИЗ „Македонија сообраќај“ – Америт со задоволство ја прифати можноста да биде партнер и поддржувач на оваа меѓународна обука за млади лица. Покрај организациската поддршка претставници од Америт ќе учествуваат на оваа обука со предавање на тема: „Ризици и закани за младите возачи и возачите почетници во сообраќајот’’. Убедени сме дека оваа е вистинскиот начин за долгорочно подобрување на безбедноста во сообраќајот и токму затоа АМЕРИТ секогаш ги поддржува сообраќајно едукативните активности кои ги организира РСБСП со партнерите – изјави Иван Илиевски, менаџер за развој на Америт.

На обуката ќе учествуваат младински партнерски организации од шест земји - Македонија, Романија, Словенија, Германија, Италија и Шпанија и истата ќе се состои од неколку делови и тоа предавање,  практични вежби и работа во групи, организација на јавен настан – кампања,  посета на ЦУКС, и  многу други активности со цел  едукација на младите за безбедно учество во сообраќајот, обука и оспособување на младите за реализација на проекти и сообраќајно едукативни кампањи,  креирање на идеи, иницијативи, предлози  од младите  за подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата итн.

 

 

 

Коментирај