Свет

Меланија Трамп: Жените кои обвинуваат за силување треба да приложат докази

12. октомври 2018 - 16:26 | А.С.

За време на нејзината прва соло турнеја како прва дама на САД, Меланија Трамп даде ексклузивно интервју за ABC во кое даде свој коментар за движењето #MeToo.

Во интервјуто што го даде за време на посетата на Африка, Меланија Трамп, меѓу другото, рече:

„Ги подржувам жените и нивниот глас треба да биде слушнат. Треба да ги поддржуваме и нив, но исто и мажите, не само жените.“

На прашањето дали имало нефер третман кон мажите кои јавно во медиумите беа обвинети за сексуален напад, таа рече: „Стојам на страна на жените, но мора да покажеме докази. Не може само да кажеме: ‘Бев сексуално нападната или ми го направи тоа и тоа’ бидејќи понекогаш медиумите претеруваат кога претставуваат одредени приказни и тоа не е коректно. Не е во ред.“

Нејзината изјава следи во време на политичка бура што се врти околу назначувањето на Брет Кавано во Врховниот суд откако неколку жени го обвинија за сексуален напад. Откако беа сослушани резултатите од кратката истрага на ФБИ во врска со обвиненијата, Сенатот сепак го изгласа неговото назначување.

Изјавата на Меланија во голема мера потсетува на ставот искажан од нејзинио сопруг, претседателот на САД Доналд Трамп, кој рече: „Ова е многу страшно време за младите мажи во Америка“.

Целосното интервју со првата дама во кое таа зборува, меѓу другото, за кампањата против насилство, наводните афери на Трамп и контроверзната јакна, ќе биде емитувано денес во 22 часот по источно стандардно време.

Коментирај