Италија во Џорџа Мелони има премиерка која од сите лидери во Западна Европа веројатно е најотворено против абортусот, но и пред нејзиното владеење, не беше лесно да се направи прекинување на бременоста во змејата со мнозинско католичко население, пишува британската агенција Reuters.

Кога Линда Феки, 33-годишна музичарка од Неапол, се огласи на социјалните мрежи за да ја сподели стигмата и злоупотребата што ги претрпела за време на постапката, таа добила пораки за поддршка од многу Италијанки кои се идентификувале со нејзиното искуство.
Таа доби и критики и навреди, што е показател за се поинтензивната социјална поделеност во Италија под водство на Мелони.
„Решив да ја раскажам мојата приказна бидејќи сум јавна личност и можеби мојот глас одекнува посилно. Чувствував некаква одговорност како граѓанин, но и како уметник, да испратам порака дека абортусот е право“, изјави таа за Reuters.
Абортусите во Италија се легални во првите три месеци од бременоста, а потоа и ако менталното или физичкото здравје на мајката е сериозно загрозено. Сепак, многу бирократски, културолошки и практични пречки стојат на патот на имплементацијата.
Вкупно 63 отсто од гинеколозите низ Италија се повикуваат на „приговор на совеста“, одбивајќи да учествуваат во изведување абортуси, покажуваат податоците на италијанското Министерство за здравство. На југот на Италија тој процент се искачува на 80 проценти.
Феки објави дека прво отишла во болницата „Сан Паоло“ во Неапол, каде гинекологот ја испрашувал дали навистина сака да абортира и инсистирал дека бременоста е во многу подоцнежна фаза отколку периодот кога таа последен пат се видела со нејзиниот партнер.
Докторот тогаш инсинуирал дека Феки спиела и со други. Подоцна прегледот на приватен гинеколог потврдил дека бременоста навистина била во порана фаза отколку што тврдел лекарот од болницата во Неапол.
Д-р Луиџи Терасиано, шеф на гинеколошко-акушерскиот оддел во „Сан Паоло“, изрази жалење за лошото искуство на Феки.
„Моја желба и интерес е да се сретнам со неа и да ја разјаснам ситуацијата, доколку таа го сака тоа“, изјави тој за Reuters.
Феки потоа отишла во болницата „Кардарели“. Таму лекот што го примила пред операцијата и предизвикал интензивни болки, но никој не ѝ понудил средства за да ја ублажи таа болка. По операцијата, медицинската сестра, исто така под приговор на совеста, првично одбила да одговори на нејзиниот повик.
Абортусот е извршен на 4 март, денот кога соседна Франција го вклучи правото на абортус во Уставот. Таа на Instagram напиша дека ѝ било „скршено срцето“ кога докторот и медицинските сестри ја искарале за бременоста „веднаш по операцијата“.
„Не треба да има осуда за изборот што е наше право“, изјави таа за Reuters. Портпаролот на „Кардарели“ ги уважи нејзините критики и рече дека има простор за подобрување во болницата. Тој додаде дека е во контакт со уметницата по ова прашање, што таа го потврди.
Првата жена премиер на Италија, 47-годишната Мелони, ја предводи конзервативната влада од 2022 година. Во својата автобиографија „Јас сум Џорџа“ таа открива дека е родена по одлуката на мајка ѝ во последен момент да не ја абортира.
Иако таа лично се противи на абортусот, таа вети дека нема да го менува или укинува законот од 1978 година со кој се легализираше. Наместо тоа, таа инсистира на целосна имплементација на тој закон, кој, како што вели, вклучува и начини за спречување на абортусот.
Нејзината владејачка коалиција донесе закон со кој на групите кои „поддржуваат мајчинство“ им дозволува пристап до клиниките за советување. Таа неодамна предложи „породилен приход“ од илјада евра месечно за првите пет години од мајчинството за трудниците со понизок социјален статус кои пристигнуваат на овие клиники.
Во јуни, Мелони беше домаќин на состанокот на Г7, инсистирајќи тогаш делот за важноста на „безбедниот и легален абортус“ да биде избришан од финалната заедничка изјава. Еден од нејзините министри рече дека сака да избегне да го навреди папата Франциск, кој абортусот го нарече „убиство“.
Групите против абортусот имаат силно лоби во Италија и се поврзани со неколку членови на владејачката коалиција.
Јакопо Коге, портпарол на една од овие групи што го организира годишниот состанок „Избираме живот“ во Рим, смета дека поделбите во општеството се засилени.
„Атмосферата е променета, нашите активисти, особено младите се порешителни. Од друга страна, зачестија инцидентите на нетрпеливост кон нас, со 10 вандалски чинови врз нас во последните 4-5 години.
Тој рече дека не очекува Мелони да го смени законот и дека целта е да се промени јавното мислење за ова прашање, за во некој подоцнежен момент законот да биде укинат. Во меѓувреме, Ког се надева дека владата ќе стори повеќе за да ги спречи абортусите, особено за да им помогне на жените кои се плашат дека нема да можат финансиски да издржуваат дете.
Бранителите на правото на абортус сметаат дека нема ништо лошо во финансиската помош за трудниците, но дека тие не треба да бидат жртви на стигма и психолошки притисок.
Франческа Пјеразуоли, психолог кој ги надгледува советодавните клиники во регионот на Милано, рече дека нејзината работа „нема врска“ со убедувањето и дека групите против абортусот сè уште не влегле во клиниките што таа ги надгледува.
Елизабета Канитано, гинеколог и застапник за правата на абортусот од Рим, тврди дека оние кои ја убедуваат жената да чува дете што не го сака „немаат поим што ја принудуваат да прави, воопшто немаат идеја“.