Две години после објавувањето, според многумина изненадувачки зрелиот гот – метал албум, The Pale Emperor, Мерилин Менсон се враќа на музичката сцена со ново издание.
Новиот албум под назив Heaven Upside Down содржи десет, за американскиот пејач, вообичаено контроверзни нумери.
Во новиот албум Мерилин обработува многу теми, а посебно се издвојуваат насилство, секс, политика, но и романтика.
Во песната Kill4me, Менсон бара од своите обожаватели брутално да му се заколнат на верност, додека со песната Say10, која ја краси интересен инструментал, влегува во нови музички правци со ставот „Јас сум легенда, не сум басна“.
Бендот кој стои зад новото остварување Heaven Upside Down, го сочинуваат композиторот на филмска музика Тајлер Бејтс, потоа поранешниот тапанар на бендот The Dillinger Escape Plan, Гил Шароне, како и басистот Твиги Рамирез, кој не свиреше во минатиот албум на Менсон.
Продукцијата на албумот Менсон му ја довери на веќе споменатиот соработник Тајлер Бејтс, додека сам ги напишал текстовите на песните.
Мерилин Менсон моментално се опоравува од повредата после пад на дел од метална конструкција врз него за време на концертот во Њујорк, поради што беше принуден да одложи неколку најавени концерти.
Во продолжение преслушајте го албумот: