Водечкото тело на јужноамериканскиот фудбал го изненади и почести Лео Меси со статуа во вистинска големина од него со пехарот од Мундијалот во Катар.

Од КОНМЕБОЛ објавија дека статуата на Меси ќе добие место во нивниот музеј и тоа до статуите на сега веќе починатите легенди на јужноамериканскиот и светскиот фудбал, Пеле и Диего Марадона.
Воедно, на Меси му беа врачени и реплика трофеи од Мундијалот и од Финалисима, турнирот организиран во јуни лани како еден вид суперкуп помеѓу шампионите на ЕУРО и Копа Америка и кој Аргентина го освои со победата над Италија на „Вембли“.
„Живееме многу посебен и убав момент, добиваме многу љубов. Помина некое време откако јужноамериканска репрезентација повторно го освои Мундијалот“, рече Меси. Пред Аргентина да триумфира во Катар последен пат јужноамериканска репрезентација се искачи на светскиот трон во 2002 година благодарение на Бразил.
Аргентина мартовскиот прозорец на ФИФА го користи за да одигра пријателски натпревари на домашен терен за пред своите навивачи да го прослави триумфот на Мундијалот. Во четвртокот во Буенос Аирес со 2:0 ја совлада Панама, додека вечерва прославата ја сели во внатрешноста, во градот Сантјаго дел Естеро, каде ќе се соочи со карипската репрезентација на Курасао.