Лионел Меси (37) нема да ја заврши кариерата во дресот на Интер Мајами, чиј член е повеќе од една година, а каталонскиот весник El Nacional ексклузивно објави дека по крајот на сезоната ќе го напушти американскиот клуб.
Како што тврди El Nacional, Меси нема намера да го продолжи договорот со Интер Мајами, кој истекува на крајот на 2025 година, а планот е да се врати во клубот од детството.
Секако, станува збор за Њуел'с Олд Бојс, клубот од чија младинска школа Меси како 13-годишник пристигна во Барселона, каде што стана најдобар фудбалер на сите времиња.
Меси никогаш не заборави каде ги направи првите фудбалски чекори, а El Nacional потсети и на изјавата на Аргентинецот од 2016 година.
„Ако утре се вратам во Аргентина, што би сакал да го направам, би играл само за Њуел'с“, изјави Меси, цитиран од каталонскиот весник El Nacional.
Во споменатата вест се наведува и дека ова би била логична одлука за Меси, кој ќе се врати во татковината пред Мундијалот во 2026 година во Канада, САД и Мексико. Тој Мундијал сигурно ќе биде последен во неговата кариера, но и рекорден шести.
Во тековната сезона на американската МЛС, Меси има 14 гола и 10 асистенции на 15 одиграни натпревари.