Капитенот на Барселона, Лионел Меси, преку социјалните мрежи денес се прости од својот поранешен соиграч Луис Суарес, со кого е голем пријател.
„Кога влегов во соблекувалната денеска го очекував вообичаеното секојдневие, но се изненадив. Ќе биде исклучително тешко да не те гледам секој ден - и на тренинг, и на терен. Многу ќе ми недостасуваш. Поминавме многу години заедно во тимот, бевме на безброј друштвени собири и запознавме многу луѓе. Искусивме многу работи што никогаш нема да ги заборавам“, искрен беше Меси.
Потоа ја нападна управата на клубот.
„Ќе биде чудно да те гледам во поинаков дрес, а уште потешко да се соочам со тебе од спротивни страни. Заслужуваше збогување што ѝ доликува на една легенда на клубот. Ти си еден од најважните играчи во историјата на Барселона, постигна неверојатни индивидуални резултати, но и тимски. Не заслужи да се однесуваат така со тебе во последно време. Вистината е дека ништо не ме изненадува во овој момент. Ти посакувам сѐ најдобро во твојот нов предизвик. Те сакам многу. Се гледаме наскоро, пријателе“, напиша Меси.
Искусниот уругвајски голгетер Луис Суарес е новиот фудбалер на Атлетико Мадрид. Раководството на клубот од Мадрид објави дека постигнале договор со челниците на Барселона и дека Суарес ќе го потпише договорот веднаш штом ги мине лекарските прегледи.
Суарес треба да потпише договор денес и официјално да стане фудбалер на Атлетико Мадрид со отштета од 6 милиони евра.
Суарес изминатите шест сезони има одиграно 238 натпревари за дресот на Барселона и постигна 198 гола.