Фудбалерите на Аргентина и Парагвај ги поделија бодовите во 2. коло од Копа Америка откако одиграа нерешено 1:1 и така ја продолжија неизвесноста во врска со пласманот во наредната фаза.
Аргентинците пак одиграа лошо по поразот од Колумбија во првото коло, а Парагвајците оставија впечаток на многу покомпактна екипа.
Ваквата игра ја крунисаа во 37. минута кога Ричард Санчез погоди во долниот агол на голот на Аргентина за 1:0, резултат со кој заврши првото полувреме.
Лионел Меси изедначи во 57. минута со погодок од пенал, откако топката претходно во шеснаесеттерецот го погоди Иван Пирис во рака и по консултација со ВАР собата беше досуден пенал.
Парагвај само пет минути подоцна имаше шанса да ѝ нанесе нов пораз на Аргентина, но голманот Франко Армани ја спаси честа на репрезентацијата кога го одбрани ударот од пенал на Дерлис Гонзалес, откако Отаменди нарави непромислен фаул во казнениот простор.
Аргентина по два одиграни натпревари има само еден бод и се наоѓа на четвртото место во групата Б. За Парагвај ова е втор бод и моментално тоа му е доволно за второ место зад лидерот Колумбија која има максимални шест бода.
Аргентина во последното коло од групната фаза на Копа Америка ќе игра со Катар, а Парагвај ќе игра со Колумбија.